Реакција на МТСП на изјавата на Миноски во врска со декемвриското покачување на пензиите: Со линеарното усогласување на пензиите 300 илјади пензионери не го добија реалното зголемување на личната пензија

0
1075

Министерството за труд и социјална политика денеска реагира на изјавата на министерот за финансии Кирил Миновски во врска со најавеното покачување на пензиите и притоа посочува дека тоа не треба да се прикажува како партиски подарок, бидејќи, како што посочуваат тоа е законско.

Во реакцијата се вели дека со измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување што го направила власта во октомври 2015 година, ја ставиле вон сила законската одредба и обврска на државата за задолжително усогласување на пензиите два пати во годината – на 1 јануари и 1 јули во 2016 година. Со овие измени, се додава, се вовел основ усогласувањето на пензиите да се врши еднаш во 2016 година во висина од 5 проценти линеарно за сите корисници на пензија во еднаков износ и тоа со исплата на септемвриската пензија во октомври 2016 година.

– Но, во јули 2016 година повторно се измени ова законско решение и се утврди усогласувањето на пензиите наместо со септемвриска исплата да се изврши со ноемвриската исплата на пензии во декември 2016 година, што беше претставено како партиски подарок од Никола Груевски за пензионерите, а не како законска обврска. Со ваквото линерано усогласување на пензиите што се примени во 2014, 2015 и 2016 година, 300 илјади пензионери не го добија реалното зголемување на личната пензија, туку им се исплати фиксен износ на усогласување, велат од Кабинетот на министерот за труд и социјална политика.

Оттаму истакнуваат дека Усогласувањето на пензиите кое било дефинирано со членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, овозможувал усогласување, односно зголемување на пензиите според порастот на платите и порастот на трошоците на живот и тоа два пати годишно.

Со новите решенија за усогласување на пензиите, сметаат од МТСП, се нарушува еднаквоста во примена на формулата за усогалсување на пензиите, како и наместо два пати годишно пензиите да се усогласуваат еднаш годишно.