РЕАКЦИЈА НА В.Д. ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ССМ ДАРКО ДИМОВСКИ: МИТРЕВСКИ Е ЕДНОГЛАСНО СМЕНЕТ, ДЕЈСТВУВАШЕ ПРОТИВ ССМ…

0
1649

По вчерашната прес-конференција на претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Живко Митревски за одржана седница на ССМ на 13 ноември која, како што рече, била свикана спротивно на Статутот и Деловникот на Синдикатот, со цел негово отповикување од функцијата, денеска со допис до медиумите реагираше Дарко Димовски кој на таа седница бил избран за в.д. претседател на ССМ.

Тој во соопштението тврди дека седницата била свикана согласно со Статутот и Деловникот за работа на Советот, со мнозинство присутни членови на Советот од десет грански синдикати, наспроти тврдењето на Митревски дека на седницата присуствувале само претседателите на четири грански синдикати, а отанатите 13 не биле известени.

– На седницата беше предложено од страна на советниците да се дополни дневниот ред со барање за одговорност на Живко Митревски. Притоа беше констатирано дека Живко Митревски подолг период одржува седници на Претседателството и Советот на ССМ без потребен кворум, носи одлуки спротивни на Статутот и на штета на поголемиот дел од гранските синдикати и издава имот во зградата на ССМ без одлуки на органите и телата, пишува Димовски во соопштението.

Според него, на седницата на 13 ноември било констатирано дека „со своето делување Митревски ги поделил гранските синдикати здружени во ССМ, ги раскарал и тие немаат меѓусебна комуникација“.

– Со оглед на тоа што Живко Митревски подолг период како претседател на ССМ и Советот, дејствуваше спротивно на Статутот и Програмата на ССМ и дејствуваше од партиски позиции, беше донесена едногласна Одлука за негово отповикување. Со оглед на тоа што Статутот на ССМ налага ваква ситуација Советот да избере в.д. претседател на ССМ, Советот едногласно одлучи вршител на должноста претседател да биде Дарко Димовски, информира Димовски, кој е и потпишан како в.д. претседател на ССМ на соопштението.

Врз основа на одлуката, било донесено решение со кое „Димовски се запишува како одговорно лице во ССМ“. Решението било доставено до Централниот регистер на Република Македонија на 14 ноември 2016 година.

– Централниот регистер не почитувајќи ги законските одредби се уште не ја има извршено промената, со што му нанесува штета на севкупното членство на гранските синдикати здружени во ССМ, наведува Димовски, најавувајќи дека гранските синдикати здружени во ССМ, чии членови на Советот на ССМ биле иницијатори за отповикување на Живко Митревски, во наредните денови ќе одржат прес-конференција за, како што вели, да ги изнесат на увид документите како доказ за статутарната одлука за отповикување на Митревски.

Митревски вчера на прес-конференција рече дека Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) до Основното јавно обвинителство поднел кривична пријава против министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски за злоупотреба на службената положба и овластување зашто, како што рече, врз основа на фалсификуван документ за донесена одлука од наводно одржана седница на Советот на ССМ, донела решение за негова смена од претседателското место.

Кривични пријави поднеле и против четири претседатели на грански синдикати и против едно лице кое, како што рече Митревски, на одржаната седница се прикажал како претседавач на Советот на ССМ./МИА

Извор : Локално