РАБОТНИК ОД СКОПСКАТА ФИРМА „ФИМАР БАЛКАН“ ПОЧИНАЛ ПРИ РАБОТА ВО РУДНИК КАЈ ПРИЛЕП

0
3642

Работник од скопската фирма „Фимар Балкан“ А.Д. Скопје,К.П. (48) жител на с. Присад починал поради здобиените тешки повреди вчера, при  пад на мермерна плоча врз него, при работа во рудник, што се наоѓа во близина на рудникот „Сивец“.

„Екипа на полицијата и Инспекторатот за труд извршија увид на местото на настанот. Истрагата е во тек“, соопшти Сања Стаматовска, портпарол на СВР Битола.

Колеги на повредениот работник, веднаш интервенирале. Тој итно бил пренесен во градската болница во Прилеп,а поради сериозноста на повредите транспортиран во Ургентниот центар во Скопје. Но, и покрај укажаната помош, К.П. им подлегнал на повредите.

По вчерашната несреќа и бројните лиферувани информации по медиумите дека починатиот е работник во рудникот Сивец, до редакцијата на ПАТОКАЗ, (иако не е објавена оваа вест) како придонес кон објективното информирање на јавноста, ја објавуваме реакцијата на Мермерен комбинат, единствена компанија којашто ја има концесијата и експлоатира мермер и други минерални богатства од рудникот Сивец.

„Ја известуваме јавноста дека починатиот не беше вработен во рудникот Сивец, туку во друг рудник во близина. Раководството на Мермерен комбинат изразува длабоко сочувство до семејството на починатиот работник и неговите колеги“, стои во реакцијата од Мермерен Комбинат.

Извор : Патоказ Магазин