ПЦЕР: САД и ЕУ да го спречат непочитувањето на Пржинскиот договор

0
807

Партијата за целосна еманципација на ромите (ПЦЕР) и лидерот Самка Ибраимоски денеска со официјално писмо се обратија до амбасадорите на САД  и на ЕУ, Џес Белји и Аиво Орав, да не седат со скрстени раце во врска со, како што велат, самоволието на власта, за непочитувањето на Пржинскиот договор, соопшти партијата.

„Со одлуката за поништување на сите одлуки на министрите на опозицијата Оливер Спасовски и Фросина Ременски, Владата покажа дека за неа не важи Пржинскиот договор, за што сметаме дека треба да реагираат амбасадорите на САД и ЕУ бидејќи тие беа дел од преговарачкиот тим покрај четворицата лидери. Загрижени сме за ваквото самоволие и непочитување на договорените работи. Затоа нашиот лидер ја нарече земјава „фантомска држава“.

Само за илустрација на ова е денешното самоволие на заменикот Чавков кој дојде во Јегуновце да отвори полициска станица без согласност на министерот Спасовски. Ова не е приватна фирма на ВМРО-ДПМНЕ, ова е држава на народот, не на поединци. Затоа бараме итно да се свика средба меѓу амбасадорите на САД и на ЕУ со четворицата лидери и да се расчистат овие несогласувања кои намерно ги прави власта и да се утврди зошто не се спроведуваат одлуките од Пржинскиот договор. Господа амбасадори, состојбата е алармантна. Реагирајте навреме, вие сте тие кои можете да го спречите ова беззаконие“, се наведува во соопштението на ПЦЕР.