ПРОФИЛ Зоран Заев, претседател на СДСМ: „Бомбашот“ што ја спаси демократијата

0
1041

Опозицијата, предводена од Зоран Заев, успеа да го запре трендот на метастазирање и зацврстување на популистичко-клиентелистичкиот режим на Груевски.

Иако резултатот на предвремените парламентарни избори на 11 декември покажува тесна победа на автократскиот режим, тој резултат дефинитивно овозможува негов скорешен крај и демонтажа. И покрај теоретската можност истите коалициски партнери, што ја одвлекоа Македонија во длабоки беззаконија, да формираат влада и да продолжат со купување време на ситно.%d0%b7%d0%b0%d0%b5%d0%b20101

Пресврт во минута до 12

Македонија може да биде една од ретките земји што излегле од вртлогот на „демократурата“ со помош на избори. Земји како Русија, Белорусија, Турција, го надминаа прагот на сменливоста на власта и влегоа во фаза на трајна автократија, со сите ризици што тоа ги носи. Популистичките режими, кои ја задушиле слободата на медиумите, а сите државни ресурси ги ставиле во функција на својот опстанок, имаат „природна“ потреба да ја уништат опозицијата, ја сатанизираат како предавничка, ја оставаат без ресурси и средства за борба и судски ја прогонуваат. Во еден момент опозицијата е избришана од равенката и демократска сменливост на власта станува невозможна.
Македонија беше длабоко загазена на тој пат и многу блиску до тој праг на „расчистување со опозицијата“. По поразот на парламентарните избори од 2014 година, кога партиите од владејачката коалиција освоија неверојатни 80 пратенички места (61 ВМРО-ДПМНЕ и 19 ДУИ), само чудо можеше да ја спаси опозициската борба и натамошното бетонирање и брутализирање на власта кон целосна диктатура.

И тоа чудо се случи, а во неговата изведба клучна улога имаше и сè уште има младиот лидер на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев. Тоа него го прави личност што ја одбележа оваа 2016 година. Тој имаше доволно храброст да го изнесе во јавност скандалот на столетието во Македонија – масовното прислушување на најмалку 20.000 граѓани, и да ги истрпи логичните и очекувани противудари – судски местенки, приватни закани, јавни сатанизации и жестока контрапропаганда. „Бомбашкиот процес“ го привлече вниманието на светската јавност, па во решавањето на македонскиот јазол се вмешаа и највисоките европски и светски дипломатии, што вроди со пржинските договори, Специјално јавно обвинителство и колку-толку зарамнување на теренот за изборна борба.

Истовремено Заев успеа да го анимира и да го придобие поширокиот граѓански сектор, кој има аверзија кон партиската етикеција, но со голема жар беше спремен да се бори за уривање на режимот. Тоа го демонстрираше со односот кон Шарената револуција, каде што им ја препушти диригенската палка на младите анархистички настроени бунтовници, а потоа и при составувањето на пратеничките листи, за што истрпи лавина критики од своите партиски поддржувачи. Необично големиот одзив на изборите на 11 декември беа главна причина за високиот резултат на опозицијата.

Еротиката на оставките

Со високиот изборен резултат, опозицијата предводена од Зоран Заев успеа да го запре трендот на метастазирање и зацврстување на популистичко-клиентелистичкиот режим на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, што овозможува Македонија без насилство и крвопролевање да се врати на демократските патеки. Тоа е успех многу поголем од нумерички приближното „реми“ според бројот на освоени пратеници. И покрај тоа, јавно се покренува прашањето за „одговорност“ на Заев за „лошиот резултат“, сметнувајќи ги од ум околностите во кои тој резултат е постигнат. Повиците за оставка на Заев доаѓаат или од кампот на неговите лути политички противници, кои не можат да му простат што ги раскринка и развласти, или од неговите притаени конкуренти внатре во неговата партија, кои неговиот успех го доживуваат како дефинитивен крај на нивната „епоха“ во политиката. Овој резултат на СДСМ не само што не е неуспех или пораз, туку е голема победа за Македонија. Прашање е само да се издржат идните искушенија што претстојат пред Заев и СДСМ. Ако и нив ги преброди, титулата „човек на годината“ ќе му биде премало признание.

На 28 декември на новогодишниот коктел на СДСМ:

„Со пенкало и глас граѓаните симнаа режим. Груевски не може да најде партнер за влада. Предвидувањата се дека до средината на февруари ќе ја имаме новата влада. Ќе направиме сè што е во наша моќ тој рок да се скрати за да се започне со обнова на општеството. На таа обнова ќе работат сите граѓани што се изјаснија за поинаква, слободна и демократска Македонија“.

На 11 декември пред гласањето:

„Ако на вака значајни избори се случи негативен резултат, тогаш ми завршува политичката кариера, но не размислувам на оваа варијанта, зашто Македонија е зрела, животот се враќа и убеден сум дека победуваме. Веќе размислуваме како да се втурнеме, да го подобриме и да го унапредиме животот и она што им го ветивме пред граѓаните“.
ФАКТИ:

1974

8 октомври, роден во Струмица, каде што завршил основно и средно образование

1997

дипломирал на Економскиот факултет во Скопје и запишал постдипломски студии од областа на монетарна економија и финансии

2001

станува директор на претпријатието „Тргопродукт“ Струмица

2003

избран е за пратеник во македонското Собрание како кандидат на СДСМ

2005

избран за градоначалник на Општина Струмица

2013

избран за претседател на СДСМ

ОБЈАВЕНО ВО  СЛОБОДЕН ПЕЧАТ

Извор : Плусинфо