Проблемите не ги прават вистинските моторџии, туку ониe што се чаламат со моторите

0
1430

Ненад Николовски, претседател на скопскиот мото-клуб “No limit”, го прашуваме за се позачастените сообраќајни инциденти во градот во кој што се вклучени моторџии…

На градските сообраќајници има се почесто проблеми во кои учесници се моторџиите…
-Проблемите ги прават оние кои не се вистински моторџии. Не е моторџија оној што има мотор, туку тоа е стил, начин на живеење, почитување на правилата, водење сметка за безбедноста. Вистинските моторџии својата машина ја користат најмногу надвор од градот, речиси 90-процентно. По градот моторот го возат само во случај доколку им излезе некоја потреба. Во секој случај, моторот го возат со сета потребна опрема, со стриктно почитување на правилата во сообраќајот кои се исти, како за автомобилите така и за моторите.
Оние за кои возење мотор е чаламење на градските булевари, кои сакаат да бидат видени како брзо и бучно возат, како го креваат моторот на едно тркало, кои се тркаат по булеварите… тие се оние кои најмногу го загрозуваат сообраќајот и другите учесници. Тоа се најчесто млади луѓе кои лесно дошле до мотор, кој најверојатно им го купил тато. Тие не се свесни на опасностите кои ги создаваат додека возат.

Како може да се надминат проблемите со оние кои што дивеаат со моторите?
-На ист начин како што се надминуваат и проблемите со возачите кои возат пребрзо со своите автомобили. Значи, со доследни полициски контроли и влијанија на совеста. Јас апсолутно ги подржувам полициските акции кои се прават во последно време и со кои во фокусот се оние што возат мотори. Тука е проблемот што вакви акции се прават кампањски, периодично, а не постојано. Се знае каде се главните сообраќајници на кои се појавуваат вакви недисциплинирани моторџии: покрај Сити-мол во Карпош, покрај ТЦ Капитол во Аеродром, на почетокот на „Партизанска“, кај „Континетал“… Доволно е тука да има зајакнати контроли, посебно во вечерните часови , од 18 па до 2-3 часот полноќ. Тогаш се најактивни оние што сакаат да се чаламат со својот мотор, оние кои што не носат кациги од причина што сакаат да бидат видени што прават со моторот. Постојаното полициско присуство таму ќе значи поголем ред при што полицијата треба доследно да врши контрола во однос на брзината, бучавата, носење на заштитна опрема.
Треба и едукација бидејќи кај некои вооопшто не влијае казната од 200-300 евра. Таквите прекршители треба задолжително да се праќаат на едукативни часови, да полагаат етика за возењето мотор. Возењето мотор не е само да се има возачка дозвола која е платена, туку тоа е и етика, знаење што е добро а што лошо во тоа возење.

Како организирани мото-клубови дали и вие превземате нешто?
-Ние како петнаесетина мото-клубови во градот досега се обидувавме да влијаеме на други моторџии, но сепак сме ограничени во тоа влијание. Организираните мото – клубови во просек имаат по петнаесетина членови. Тоа кажува дека има многу моторџии кои се надвор од клубовите и до кои нашите апели и акции не стасуваат.

Дали е потребна и промена на некоја законска регулатива?
-Потребни се промени. На пример, со бучавата која ја прават моторите. Според сегашните услови бучавата на вашиот мотор се контролира на редовен технички преглед. Ако таму се утврди дека тој создава преголема бучава тогаш ќе треба да платите казна, но тоа не ве сопира тој мотор потоа да го возите на градските улици. Тоа треба да се смени во смисол ако се утврди дека моторот е пребучен тогаш тој прво треба да се поправи па дури потоа да се дозволи да вози по улици. Значи, треба да се воведе правило со кое на таквите мотори ќе им се извади издувниот систем и тој ќе се прати на поправка. Дури по поравката таков мотор ќе може да се вози од страна на сопственикот.

Извор : СкопскоЕхо