Прилеп доби шест мерни станици за мерење на загаденоста на воздухот

0
1172

Денеска во големата сала на Општина Прилеп беше предаден во употреба
системот за мерење на загаденоста на воздухот, при што беше извршена и
презентација на првичните резултати кои ги регистрираа шесте новопоставени
мерни станици.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Илија Јованоски рече дека
уште како советник во Советот на општина Прилеп, заедно со останатите
опозициски советници, во повеќе наврати од поранешната локална власт барале
во градот да бидат поставени мерни станици, со цел граѓаните да знаат каков
воздух дишат. Меѓутоа, потенцираше Јованоски, одговор никогаш не добиле, а граѓаните на Прилеп не разбрале каков воздух дишат. Од тој аспект, решавањето на ова прашање за градоначалникот Јованоски претставува императив. „Општина Прилеп продолжува со подобрувањето на животната средина за граѓаните на нашата општина. Минатата година ја предадовме во употреба пречистителната станица за отпадни води, градот е лидер во примарната
селекција на отпад, а од пред една година поставивме една мерна станица за
мерење на загаденоста на амбиенталниот воздух. Денеска го продолжуваме тој
процес со реализација на овој пилот проект, односно со поставување 6 нови
мерни станици, кои во наредните 6 месеци ќе ја мерат загаденоста на
амбиенталниот воздух. Во тој период станиците ќе бидат дислоцирани од
сегашните локации и ќе бидат поставени на други места во градот, со цел да се
добие реална слика за загаденоста на воздухот“, истакна Јованоски.