ПРИЛЕПЧАНИ ГОДИНАВА ДОБРО СЕ ОФАЈДИЈА: Над 90 отсто од откупениот тутун од реколтата 2018 е прва класа. Годинава имавме стабилен откуп, со просечна цена од 214,2 денари за килограм, откупени се 25,2 милиони килограми, а исплатени се над 5,4 милијари денари од откупувачите на тутутнопроизводителите

0
1144

Градоначалникот Илија Јованоски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешната средба во Општина Прилеп, во присуство на заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, претседателот на Советот на Општина Прилеп,Миле Талевски, пратениците, Кети Смилеска и Хари Локвенец и подрачниот раководител на Министерството за земјоделство,Зоран Пачешкоски, ја потенцираа важноста од навремената исплата на субвенциите за ланската реколта. Градоначалникот Јованоски, ја истакна важноста на оваа владина мерка за прилепскиот регион, каде што илјадници семејства егизистираат од тутунопроизводство.

„Локалната економија зависи од „жолтото злато“, а минатогодишната реколта помина добро. Откупениот тутун постигна висока цена, откупот на тутунот беше на завидно ниво, откупени беа сите количества тутун. Со заложбите на Владата и исплатата на високите субвенции се создаваат подобри услови за живот на тутунопроизводителите, на нашите граѓани“,истакна градоначалникот Јованоски.

Според министерот Николовски, до петок, поточно наредните два дена ќе бидат исплатени субвенциите на сите тутунопроизводители согласно за законската регулатива.

„Уште на 480 тутунари од откупната фирма „Далија“ (оттаму вчера ги доставија списоците) до петок, кога ќе бидат конечно обработени податоците, ќе им бидат исплатени субвенциите. Тутунопроизводството е значајно не само за овој регион, туку за целата држава, зашто е една од стратегиските извозни гранки, која што обезбедува огромен девизен прилив во буџетот. А, еве втора година по ред, субвенциите се исплаќаат навреме. Минатата година беа исплатени на 17 април, а оваа година на 16 април, согласно со календарот со Програмата за директна поддршка на земјоделството“, истакна министерот Николовски денеска во Прилеп.

Како што рече, во 2018 година реализиран е стабилен откуп со просечна откупна цена од 214.2 денари за килограм откупен тутун, а откупени се повеќе од 25.2 милиони килограми. На тутунарите им се исплатени над 5,4 милијарди денари, сосем навреме од страна на сите откупувачи.

„И Министерството и Владата и платежата агенција направија се, во рамките на календарот за исплата, субвенциите да им бидат исплатени на тутунарите. Податоците говорат дека од откупените 25.2 милиони килограми тутун. Од нив над 21 милиони килограми се во прва класа и втора класа, односно 90 отсто од откупениот тутун е во прва и втора класа и како резултат на промена на системот на субвенционирање по класи, над 90 % тутунари добиваат повисоки субвенции за прва и втора класа. Тоа се неколку милиони евра повеќе, што Владата ги издвојува за оваа стратегиска гранка, за регионот и за државата“,рече министерот Николовски.

Тој посочи и на зголемениот интерес за тутунопроизводство. Како што рече  годинава во однос на 2017 година се склучени 4700 договори повече, на зголемени површини, а тоа значи и  зголемен девизен прилив за државата.

„Се работи за една од најтешките, најмачните гранки во земјоделството. За нас е битна и  во делот на преговорите што ги отвараме со Европската Унија. Сосем на време, државата го промени и системот на субвенционирање, така што сега со почеток на преговорите, тутунопроизводството ќе биде една од гранките која што сакаме да ја заштитиме, како наша традиција, како гранка со над 30.000 семејства ангажирани од овој регион“,истакна министерот Николовски.

Според него, Владата прави сè и со навремена исплата на субвенции и со обезбедување на стабилен откуп и стабилни откупни цени, коишто се постигнаа последните две години: минатата над 217 ден, а оваа околу 214 денари за килограм тутун,да ја стимулира оваа гранка и да го подобри статусот на тутунарот.

„Паралелно Собранието го донесе Законот за тутун во партнерство со откупните фирми, производителите, коморите, според кој што од 2020 година целосно се укинуваат евидентните листови, административните постапки за тутунарите ќе бидат многу помали, тие директно ќе склучуваат договори со откупните фирми. Се воведуваат и нови видови цигари, односно се регулираат електонските цигари и други производи од тутунската индустрија, се воведуваат можности да се отвораат откупни пунктови за време на откупот таму каде што е потребно, што значи усогласување со сите регулативи во оваа гранка.Досега 32.000 договори се потпишани за новата реколта, но сеуште се обработуваат податоците за белите картони за годинешната реколта. А, наредниве денови ќе биде распишан тендерот за т.н. „зелена нафта“, како нова мерка за земјоделците. Од оваа година важи нова мерка за фармерите, ослободување од персоналниот данок до милион денари, наместо досегашниот лимит од 300.000 денари. Фармерите треба да знаат како да си направат поврат на парите“,порача министерот Николовски.

Според подрачниот началник за земјоделство, Зоран Пачешкоски, во прилепскиот регион, на околу 500 ха повеќе ќе биде засаден тутун во новата реколта, за што веќе се издадени околу 8513 евидентни листови.

Инаку, во рамките на својот денешен престој во Прилеп,министерот Николовски заедно со градоначалникот Јованоски,претседателот на Советот,Талевски и директорот на Тутунски Комбинат А.Д.Прилеп, Кире Станкоски го посетија одделот за манипулација на тутунот.

Како што рече министерот Николовски, попладнево тој ќе оствари средби и со граѓаните, со земјоделците со цел да ги чуе нивните потреби и проблеми.