Прилепскиот суд ги отфрли сите 7 обвиненија против адвокатот Жарко Стеваноски

0
2288

Пишува: Зоран Милошески

Основниот суд Прилеп ги отфрли последните 3 обвиненија кои против еден од водачите на „Шарената револуција“ во Прилеп, Жарко Стеваноски, ги поднесе СВР Битола-Полициска станица (ПС) Прилеп. Со тоа, прилепскиот адвокат е ослободен од сите 7 поднесени обвиненија за наводно загрозување на безбедноста во сообраќајот за време на одржувањето на минатогодишните граѓански протести.presuda

Со трите последни пресуди Стеваноски е ослободен од одговорност од поведената прекршочна постапка дека, испишувајќи го графитот „ЧЕ СИ ЛЕЖИТЕ“ на асфалтот пред зградата на Општина Прилеп, сторил прекршок со кој ја загрозил безбедноста во сообраќајот. Имено, според поднесеното обвинение, испишаниот графит „имитирал односно личел на сообраќаен знак со што ги заслепувал учесниците во сообраќајот и го одвраќал нивното внимание во таква мера која можела да биде опасна по безбедноста во сообраќајот“.

Коментирајќи ги пресудите, Стеваноски вели дека тие се доказ за непрофесионалноста и некадарноста на МВР кои во изминатиот период, преку различни форми, врши континуиран притисок врз него.

„На ваков начин алатката за спроведување на реваншизам против неистомислениците на локалната власт, а тоа е МВР, не само што докажа и покажа непрофесионалност и некадарност ами директно предизвика штета по буџетот на РМ, на чиј товар паднаа трошоците на постапките кои надминуваат значителен износ. Покрај ваквите обиди, МВР низ сиот овој период врши притисоци изразени во други форми, со кои преку разобличување на незаконитото постапување и барање на одговорност од службените лица од ПС Прилеп, се справувам на соодветен начин”, вели Стеваноски.

Ваквата разврска Стеваноски ја најави уште при поднесувањето на првото обвинение од страна на СВР Битола и уште тогаш ги потсети подносителите дека постои законска регулатива која го санкционира лажното пријавување на кривично дело или прекршок.

Извор : Публикум.Мк