АДВОКАТОТ ЖАРЕ СТЕВАНОСКИ СО НОВА БОМБАСТИЧНА АНАЛИЗА : ЗАСЕГНАТИ ПАТРИОТИ ИЛИ ПОСТВОЕНИ ПРОФИТЕРИ

0
1588

Подигањето на спомен обележја на познати личности за Р.Македонија и Градот Прилеп не нешто кое е измислено вчера, ами постапката е предвидена во „ЗАКОН„, а овој кој ја регулира таа материја со споменициве се вика Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата “Сл. весник на Р Македонија” бр.66/04 од 01.10.2004 година.

Во овој закон кој е донесен во далечната 2004-та година, на еден едноставен начин е утврдена постапката за подигање на спомен обележја од страна на Единиците на локалните самоуправи.  Значи потребно е човек само да знае дека постои, а потоа е лесно да се снајде околу постапката.

Имено, постапката е следна: Најпрвин со мнозинство гласови на Советот на Општината се усвојува Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен- обележја, во која се предвидени сите спомен обележја кои во наредните 5 години треба да се подигнат на територијата на Општината.  Потоа во различни периоди од работата на Советот следат донесување на одлуки за подигање на конкретните спомен обележја предвидени во Програмата, со заклучок на Советот се именува Одбор за подигање на конкретното спомен обележје, кој врз основа на свој деловник за работа ја спроведува постапката со распишување на јавен конкурс за изработка на идеен проект за подигање на конкретниот споменик и се грижи за спроведување на конкурсната постапка и за изборот на идејниот проект што ќе се реализира,  конкурсот е анонимен, а резултатите од конкурсот се објавуваат во дневниот печат. Одборот е должен идејните проекти јавно да ги изложи.  Одборот со мнозинство гласови го избира идејниот проект за спомен обележјето што ќе се подигне и за тоа го информира Советот. За подигнатите спомен- обележја се водат посебни регистри од страна на Локалните самоуправи. Министерството за култура води централен регистар за спомен- обележјата за целата територија на државата.  Одборот во рок од 30 дена од денот на предавањето на користење на спомен- обележјето е должен да поднесе пријава за упис на конкретното спомен обележје во регистарот кој го води Општината а Советот во рок од 15 дена по извршениот упис во регистарот е должен на Министерството за култура да му достави извод од регистарот кој го води Општината за извршен упис на спомен обележјето со цел Министерството да изврши упис на спомен обележјето во Централниот регистар на спомен-обележја.

Во текот на 2011/12 година од страна на ЕЛС Општина Прилеп беа подигнати седум спомен обележја, спомениците на Кузман Јосифоски – Питу, Пере Тошев , Пеце Атанасовски, Ѓорче Петров, Блаже Конески, Круме Кепески и се разбира спомен обележјето „Карпалак„.

Со цел да ја утврдиме законитоста во постапката за подигање на овие спомен обележја со Барање за пристап до информации од јавен карактер врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, се обративме до ЕЛС Општина Прилеп за да ни бидат доставени информации за постапката врз основа на која се поставени овие споменици.

Наместо согласно законски предвидената постапка опишана погоре, врз основа на до сега прибавените информации од ЕЛС Општина Прилеп, еве како Советот на Општина Прилеп и Градоначалникот Марјан Ристески го „решиле„ проектот за подигање на спомен обележјата на Кузман Јосифоски – Питу, Пере Тошев , Пеце Атанасовски, Ѓорче Петров, Блаже Конески, Круме Кепески за кои ЕЛС Општина Прилеп издвоила 11.182.533,00 денари или 181.830,00 евра и се разбира спомен обележјето Карпалак„ вредно 30.000.000,00 денари или 487.804.88 евра.

Од сите погоре наведени спомен обележја како пример ќе го земам спомен обележјето „Карпалак„ не само поради сензитивноста на неговото значење за градот ами и поради фактот што начинот на кој е реализиран овој проект и неговата вредност ќе Ве натера да се запрашате дали Прилепскиве главештини се „ЗАСЕГНАТИ ПАТРИОТИ ИЛИ ПОСТВОЕНИ ПРОФИТЕРИ„.

Во 2011 година од непознат иницијатор, до Советот на Општина Прилеп  во време кога со Советот претседаваше актуелниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија до Советот, е доставен предлог за разгледување на точка на дневен ред на 22-рата седница на Совет „Одлука за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен обележје – Уметничко архитектонски комплекс Карпалак.

karpalak-spomenik

Интересно е тоа што тогаш советниците на СДСМ реагирале со укажувања кон мнозинството од ВМРО ДПМНЕ за прекршување на законот а особено Советничката на СДСМ Татјана Стефаноска која во својот збор го повикала Претседателот на Совет Димитар Стевананџија, да даде објаснувањем, како таа точка се нашла на дневен ред, дали подигањето на ова спомен обележје е предвидено во Програмата за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен- обележја, укажува на тоа дека таква програма воопшто не е донесена, прашува врз основа на што треба да се донесе таквата одлука, и укажува на погоре наведената законска постапка за донесување на таквата одлука.

spomenici1

Уверете се само какво образложение дава Претседателот на Совет, првиот меѓу еднаквите во Советот на Општина Прилеп, Димитар Стевананџија, човекот кој најдобро треба да го познава законот и строго да го оневозможува неговото прекршување.

spomenici6 spomenici7 spomenici2 spomenici3 spomenici4 spomenici5

Едноставно кажано, за сите погоре наведени и до денес подигнати спомен обележја на истакнати личности во РМ и Прилеп, постапката се одвивала благо речено исто како за набавка на „Тонери или хартија„ преку Бирото за јавни набавки, изборот на идејните решенија го вршеле лица кои воопшто не се ни советници во Советот на Општина Прилеп, без објавување на оглас за избор на идејно решение, идејните решенија ниту пред изборот, ниту потоа воопшто не се презентирани пред јавноста, критериумите за избор на најсоодветното идејно решение ни се сосема непознати без оглед дали станува збор за 1 денар или милионски суми за нивно подигање.  Дислокацијата не сите порано поставени споменици, или подигање на нови во непосредна близина на порано постевените е вршена без одлука или одобрение од Советот на Општина Прилеп.

Законот за измени и дополнувања на Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата Службен весник на Р. Македонија бр.89/08 од 18.07.2008 година, предвидува глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност правното лице кое ќе подигне меморијален споменик или спомен-обележје што не се содржани во Програмата за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен- обележја, од 1.000 до 1.500 евра за одговорното лице во правното лице, а комулативно со глобата може да се изрече и мерка отстранување на меморијален споменик, односно спомен-обележје.  Овој закон предвидува глоби и за дислокација или за преземање дејствија во непосредната околина на веќе постоечките со кои може да се наруши интегритетот на спомен- обележјето без претходна одлука т.е одобрение на Советот на Општина Прилеп.

Да резимираме, кога станува збор за преместување-дислоцирање, подигање на нови или превземање на дејствија непосредно до веќе постоечките спомен обележја во нашиот град, не се потребни никакви одобренија, програми, одбори, огласи и конкурси за избор на идејни решенија, нема потреба ни да им се дава можност на уметниците да се натпреваруваат со своите уметнички творби, нема потреба ни ние жителите на Прилеп да знаеме што ќе се гради, кога, како ќе изгледа, колку ќе чини, немаме потреба ни од регистар за да знаеме кои се спомен обележјата на нашиот град, што ќе ни е сето тоа кога го имаме Градоначалникот Марјан Ристески, вакви Претседатели на совет на кои око не им трепнува кога се работи за прекршување на законите, што ќе ни е сето тоа кога тие си го превзеле товарот за да одлучуваат што ќе прават со нашите пари, дури и кога станува збор за плаќање на казните за прекршувањата на законите кои тие ги прават.  Се дотогаш нашиот град во зависност од расположението на гостите кои го посетуваат, ќе изгледа како масовна гробница во најлош или како дизниленд во најдобар случај.

И не, ова не е плукање по направеното ами само една издржана анализа која треба да не поттикне сите нас да се запрашаме „Кој ќе ги спречи да изградат споменик на Мајкл Џексон на сред улица, ако тие така сакаат„.

Пишува : Жарко Стеваноски