Почна судењето за „Маѓар Телеком“- судот и дел од адвокатите се скарале со правото

0
1007

Во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето (или формално почна од почеток поради поминати 60 дена) за случајот „Маѓар Телеком“, во кој се обвинети тројца поранешни директори на Македонски телекомуникации, објави порталот Сведок.

Тие не се достапни за судските органи и им се суди во отсуство, но ангажирале адвокати, кои ги застапуваат нивните права.

Обвинети се Атила Сендреј, Ролф Плат, Золтан Кишјакус за склучување штетни и фиктивни договори помеѓу Македонски телекомуникации, Матав и Камени Мост, со што за наводни консултантски договори извлекле големи суми на пари.

Државното правобранителство предјавува штета од 942.323.00 евра.

На денешното судење беа сослушани вештаците од Бирото за судски вештачења кои во 2010 година изготвиле вештачење во кое наведуваат дека нема доказ дека се извршени наводните консултантски договори за кои се префрлени парите, кои понатаму, неофицијално се користеле за поткуп на политичари.

Постапката пред судот се води по стариот закон за кривична постапка, истрагата била почната во 2008 година, а обвинението е поднесено во 2011 година. Во изминатите 5 години се смениле неколку судии.

Сепак, денешното судење, како што пишува Сведок, беше траги-комично, ситуација која ја создаде Ненад Јаничевиќ, адвокатот на првообвинетиот Атила Сендреј, кој прво тврдеше дека поканата и обвинението не биле испратени за Атила, туку за неговиот починат татко, дека истото не е примено и серија процесни забелешки, но во фаза во која не може да ги предлага.

„Текот на судењето, кој беше мачен и тежок да се следи поради кавгаџискиот тон, се дополни со правното прашање-дали адвокатот од адвокатското друштво „Поленак“ е полномошник или претставник на Македонски телеком, дали тој треба да се изјасни само за штетата или и да одговара на прашања како за содржината на договорите или други правни прашања.

Во вакво „папаз-јанија“ судење, на кое не се знаеше ни кога почна, ниту која фаза е: сослушување на сведоци, доказна постапка или дополнување на доказна постапка, свој придонес даде и дактилографката (најверојатно кадар од Македонски шуми) која половина од работите не ги слушаше, грешно ги запишуваше или не ги запишуваше, па судијката Ленка Давиткова неколку пати ја опомена дали гледа што пишува.

Од речиси 10 правници во судницата, тие кои се расфрлаа со предлози и забелешки, во ниту еден момент не слушнавме по кој член од законот тоа го бараат или предлагаат во оваа фаза“, пишува Сведок.

По тројцата директори има распишано потерници.