Почна исплатата на субвенциите за тутунот, вчера се исплатени 27 милиони евра

0
986

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој вчера исплати над 80 отсто од вкупно планираната сума за субвенции за тутунот од реколтата 2018-та. На сметките на 26.776 тутунопроизводители вчера се исплатија над 27 милиони евра. Во моментов уште една компанија откупувач на тутун нема доставено списоци до Платежната агенција, затоа исплатата за тие тутунопроизводители ќе се реализира во следните неколку дена.

Исплатата на субвенциите за тутунот, како што информираат од МЗШВ, се реализира на еден месец пред почетокот на новата производствена реколта за 2019-та и овие пари тутунарите ќе можат да ги реинвестираат во новото производство на тутун.

-Започнувајќи од реколтата 2017-та Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ) воведе нов начин на зголемено субвенционирање за тутунот во три нивоа. Согласно овие промени, субвенцијата за прва класа тутун изнесува 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи, потсетуваат од МЗШВ.

Во реколтата 2018-та се засеаја 14.802 хектари со тутун што е за 387 хектари повеќе од 2017та, а се склучија 34.104 договори или 4.700 договори повеќе отколку во 2017 година. Откупот на тутунот од реколтата 2018-та заврши навреме, во рамки на законскиот рок. Се откупија над 25,2 милиони килограми тутун по просечна откупна цена од 214,24 денари за килограм.

-Минатиот месец во Собранието помина новиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, а измените предвидуваат укинување на евидентните листови или т.н. „бели картони“, процес кој ќе започне да се применува од 2020 година. Со оваа законска одредба значајно ќе се намалат административните процедури за тутунарите. Новите законски одредби ќе овозможат транспарентност во врска со содржината на договорите и други поволности за тутунарите, компаниите откупувачи и генерално за целиот сектор, велат од МЗШВ.

Новиот модел на зголемени субвенции, додаваат, високата просечна откупна цена што се постигна во 2017-та и 2018 година, како и новото законско решение, се дел од развојните политики на Владата и на МЗШВ, за развој на тутунопроизводството како стратешка извозна гранка која носи девизен прилив од колу 100 милиони евра.