Почна бесплатната американска лотарија за зелена карта за 2017 година

0
1261

zelena karta

Американската амбасада во Скопје  известува дека периодот на пријавување за учество во програмата на Лотаријата на САД за иселенички визи (Зелена карта) за 2017 започна на 1 октомври а завршува во вторник, 3 ноември, во 18 часот.

Пријавите се прифаќаат само преку интернет страницата www.dvlottery.state.gov каде ќе ги најдете сите инструкции. Пријавување преку пошта не се прифаќа. Пријавувањето не се наплаќа. Кандидатите не треба да испраќаат пари или пак да плаќаат однапред на трети лица кои им ветуваат дека ќе им помагаат при пријавувањето за виза.

Кандидатите треба сами да ги внесат своите информации на www.dvlottery.state.gov и да не се потпираат на други луѓе или агенции. Агенциите можат да згрешат, да остават нецелосни информации или да поднесат двојни апликации. Сите овие фактори можат да доведат до дисквалификување на барателот, дури и ако е избран како добитник на лотаријата. Затоа е важно подносителот на барањето сам да ги внесе своите информации и да ги следи сите инструкции.

Сите кандидати веднаш откако ќе го поднесат барањето добиваат електронска потврдна страница. Од особена важност е кандидатите да го зачуваат својот единствен број од потврдната страница, барем до 30 септември 2017. Единствено со овој број може да се провери дали кандидатот е извлечен, а истиот ќе послужи и за добивање на понатамошни информации и закажување на термин во Амбасадата. Единствениот потврден број помага и за заштита на учесниците од измама, злоупотрба или при проблеми со поштата. Познато е дека постојат нечесни посредници за визи кои наводно сакаат да им помогнат на кандидатите а потоа ја задржуваат потврдната страница и бараат повеќе пари во замена за информации. Кандидатите можат да го избегнат ова со лично зачувување на својот број за време на аплицирањето.