ПОТРЕСНА ИСПОВЕД НА СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ Мирисот на смртта (2)

0
3446

Крв. Агонија. Смрт. Возилото повторно и повторно налетуваше на нови дупки или нерамнини на патот. Силните удари ме бутаа во несвест.

mkd-287353

МАНОВ И НИНЏАТА

Откако набрзина ја наместија носилката во задниот болнички дел на фордот „Тигарот“ Манов (Зоран Манов, нека му е вечна славата, почина неколку години подоцна) скокна на возачкото седиште во фордот, го стартуваше моторот, наби гас и со голема брзина тргна кон Државна болница. Нинџата (Зоран Ивановски) седна покрај мене. Тој беше нешто како медик (медицинско лице) на „Тигрите“, имаше завршено некаква обука за прва помош, но реално повеќе беше специјалец отколку медик.

Седеше и со неверување гледаше во мене. Полека ја сфаќаше сериозноста на мојата повреда. Наместо да се обиде да ми помогне, тој изгледаше како малку да се подизгуби. Зјапаше во мене не знаејќи што да ми прави. А и што можеше да направи? Крвавењето не можеше да го сопре во никој случај бидејќи крвта ми истекуваше од уста. Средства против болки немаше. Единствено нешто што му остануваше беше да ме охрабрува да издржам до болница. Но ни тоа не го правеше убедливо. Неговите зборови „заменик, немој да умреш“ длабоко ми се врежаа во свеста. „Заменик, немој да умреш“, повторуваше како хипнотизиран. „Заменик, немој да умреш“ продолжуваше понатаму. Ми се обраќаше со „заменик“ бидејќи во тој период бев заменик-командант на „Тигрите“. Со испрекинат глас проследен со крчење му враќав „Нинџа, умрé“ („умрé“ на штипски е исто што и „умрев“ на стандарден македонски јазик, со тоа што акцентот се става на е-то). „Заменик, немој да умреш“, панично повторуваше Нинџа. „Нинџа, умрé“, му враќав јас.

ДУПКАТА

Одеднаш фордот згазна во некоја длабока дупка. Од ударот возилото скокна, а јас почувствував ужасна болка. Почнав да тонам. Темнината повторно почна да ме обзема. Запнав, ја собрав сета преостаната сила и се повратив назад. „Манов, забави, не брзај толку“, се обидував да му довикнам на возачот бидејќи ако згазнеше во уште една дупка, можев да паднам во несвест, па џабе ќе му беше и да ме однесе во болница неколку минути порано.

Крв. Агонија. Смрт. Возилото повторно и повторно налетуваше на нови дупки или нерамнини на патот. Силните удари ме бутаа во несвест. Не знаев како да му објаснам на Манов дека финтата не е да ме однесе во болница неколку минути порано, но мртов, наспроти неколку минути подоцна, но жив. Возилото тресна уште еднаш. Тогаш почнав да пцујам. Пцуев, викав, плукав крв и пак викав да забави. Нинџа беспомошно гледаше во мене. Колку навистина викав и колку Нинџа и Манов ги слушаа моите зборови е друга работа, но јас упорно продолжував да викам, кашлам, плукам крв и пак да викам. Бидејќи лежев на грб, дел од крвта ми се враќаше назад во дишникот, дел истекуваше надвор и се слеваше низ моето лице и врат. Немав сила да се свртам на колк, туку само ја навалив главата на левиот образ за крвта да може полесно да истекува. Нинџа не престануваше да мантра „Заменик, немој да умреш, заменик, немој да умреш, заменик, немој да умреш“. Изгледаше како да сака да ме хипнотизира.

ШАРЕНО ЛИЦЕ

Со викањето уште повеќе си ја надразнив утробата. Наеднаш силно се искашлав. Парчиња густа леплива крв летнаа кон Нинџа. Лицето му стана шарено како шарено велигденско јајце. Исшарано со мојата крв. Го фати уште поголема паника. Неговата паника се пренесуваше на Манов, кој наместо да забави почна да лета. Сирената од возилото го цепеше воздухот, Манов возеше, Нинџа мантраше, јас умирав. Имав чувство дека од Арачиново до Државна болница Манов не промаши ниту една дупка. Сепак, благодарение на неговото налудничаво возење за рекордно време стигнавме во Државна болница, со што тој е директно заслужен за моето преживување.

Целта на овој текст не е да шири омрази. Напротив, треба да ви ги приближи ужасите на војната за никогаш повеќе да не ни се повторат.

Нека му е лесна земјата, барем во моите мисли засекогаш ќе остане жив. Жив и насмеан. Насмеан бидејќи беше шегаџија. Сакаше да се шегува и да изведува разни глупости. Сликата како прави згибови на вратило со цигара во уста исто така засекогаш ќе остане врежана во мојот ум. Заедно влеговме во „Тигрите“, заедно бевме во 4-ти вод, заедно ја минавме обуката, заедно одевме на терен, заедно војувавме, различно умиравме. Манов ја преживеа војната, но го убија стресовите. Полека го исушија неговото тело. Ја имаше несреќата пред негови очи ракета од зоља или РПГ да му ја скине главата на еден од неговите најдобри другари. Мислам дека тоа беше пресудниот миг што неколку години подоцна го уби. За жал, државата воопшто не се обиде да им помогне на ваквите тешко трауматизирани бранители. Некои од нив сами се справуваа со сеништата на минатото, некои си ја носеа маката и јадот длабоко во себе, однадвор весели, однатре гнили.

Фордот со шкрипење на гумите влета во кругот на болницата и се упати право кон влезот на хирургија.

МЛАДИЧОТ МИТКО КАРАЃОЗОВ

Пред влезот на Хирургија чекаше комплетна лекарска екипа. Беше како на филм, со тоа што јас ја имав најнеубавата улога. Ме преместија од носилките на вистински болнички кревет со тркалца. Околу мене се растрчаа доктори и медицински сестри. Е дури тогаш вистински собрав душа. Се олабавив малку. Си мислев дека штом стигнав до тука, имам шанси да се извлечам, имам шанси да останам жив. Белким нема да умрам овде, насред болница, опкружен со доктори.

Додека неколку лица со забрзан чекор го движеа креветот на кој лежев, над мене се надвисна еден млад доктор, кој одејќи почна да ја анализира мојата повреда. Тој гледаше во мене, јас во него. Убав и млад, со карактеристични светли очи и продорен поглед. Се извадив од памет. Докторот ми личеше на студент. Изгледаше премлад за ваква смртоносна рана каква што беше мојата. Си помислив, што среќа ќе имав да стигнам жив во болница, а таму да ме пречека доктор што максимум е специјализант. Подоцна, по операцијата, сестрите ми кажаа дека д-р Митко Караѓозов, и покрај неговиот младолик изглед, сепак не бил толку млад како што ми изгледаше мене.

mkd-287065

По излегувањето од болница

ТЕЛЕФОНСКИ ВО ШТИП

Додека болничарите забрзано ме возеа низ ходникот на болницата, му реков на Нинџа да сврти на телефон кај моите во Штип. Иако зборев неразбирливо и испрекинато, Нинџа ме разбра што сакам. Мојата сопруга со двегодишната ќеркичка од безбедносни причини беше евакуирана кај моите родители и браќа во Штип. Нинџа во именикот го најде фиксниот телефонски број запишан како „Дома Штип“ и заѕвони. Откако воспостави врска, ми го стави телефонот до уво. По неколку ѕвонења, од другата страна го слушнав гласот на мојот помлад брат Марјан. „Брат, кажи им дома на сите дека сум малку ранет, но ќе бидам добро“. Не бев сигурен дали и колку ме разбра, но ми олесна. Ми беше важно мојата мајка да знае дека сум жив, на сигурно, во болница. Таа година ѝ се качи шеќерот и ми беше страв да не ѝ се случи нешто од дополнителниот стрес. Среќа што се јавив бидејќи во меѓувреме на некоја од телевизиите објавиле дека сум загинал во Арачиново.

САКАМ СКОПСКО

Додека се движевме низ болничките ходници, некако се опуштив и почнав да чувствувам енормна жед. Но не каква било жед. Почна да ми се пие пиво, и тоа не какво било пиво. Почна да ми се пие „скопско“ пиво. „Сакам скопско“, реков најгласно што можев. „Сакам скопско“, повторив. „Сакам скопско, сакам скопско“, почнав да повторувам како навиен. Докторот и сестрите што одеа покрај креветот ме гледаа чудно и не обраќаа многу внимание на моите желби.

ОПЕРАЦИЈА

Поради сериозноста на раната, без да му ја мисли многу, д-р Караѓозов Митко донел одлука веднаш да ме внесат во операциона сала. Од она што можел да го види додека ме возеа низ болничките ходници знаел дека имам енормна искрвавеност, како што гласи и дел од мојата приемна дијагноза, „хеморагичен шок“. Бидејќи имав силно внатрешно крвавење, најдобра солуција била итен хируршки зафат за шиење на скинатите крвни садови и ткива и санирање на раната.

Сè уште бев свесен кога ме внесоа во операционата сала. Сестрите брзо и вешто почнаа да го сечат мојот борбен елек во кој сè уште се наоѓаа неколку рачни бомби и магацини од пушката. Откако го отстранија елекот, продолжија со сечење на панцирот и униформата. Ја сечеа мојата кошула и панталони сѐ додека целосно не ги отстранија од моето тело. Во меѓувреме ми ставија некаква силна анестезија. Болките забрзано исчезнуваа и полека почнав да тонам во спокоен сон.

ЛИФТОТ

Ме разбуди силниот тресок на подвижниот болнички кревет на кој лежев. Ги отворив очите и видов како се затвора вратата на лифтот. Веднаш до креветот стоеше Џипси (Венцо Ристовски од „Тигрите“), кој дента војуваше со мене во Арачиново. „Полека бе, мајсторе, компири ли возиш?“, се обидував да бидам духовит со болничарот. Зборовите едвај излегуваа од мојата уста. Повторно неразбирливо. Но овојпат не чувствував бол. Анестезијата сѐ уште имаше дејство.

Тогаш се сетив дека сум жеден. „Сакам скопско!“, почнав повторно да верглам како навиен. Џипси ѕверосан зјапаше во мене. Се чудеше што да прави. Претходно му бев командир на вод и знаеше дека можам да бидам упорен. Неколку метри понатаму поминавме низ една врата. Болничарот ме внесе во Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), популарно наречена шок-соба. Дури и внатре, во шок-соба, не престанував да барам скопско. Џипси замина некаде, а јас останав во една мала соба со една убава, млада и малку буцкаста сестра.

ГОЛТКА СКОПСКО

„Ајде, напиј се малку. Докторот дозволи, но кажа само да лизнеш, немој да натегнеш!“, со неверување гледав во Џипси, кој со силен и карактеристичен звук отвораше лименка „скопско“. Леле колку бев жеден. Си мислев само да го докачам, ќе го опнам цело на екс, па што сака нека биде. Џипси внимателно ја доближи лименката до мојата уста додека јас неподвижно лежев на креветот. Сестрата ми ја крена главата. Брзо шмукнав една голтка. Но… Наместо сласт почувствував горчина. Пелин. Веднаш почнав да плукам. Тоа беше најгорчливата голтка пиво што некогаш сум ја испил во животот. „Вода, вода, дајте ми вода“, почнав да стенкам. Џипси виде – не виде, излезе надвор од собата. Останав сам со убавата буцкаста сестра.

mkd-287336

И најголемиот инвалидитет може да се надмине со силна воља

КОЦКА МРАЗ

Ме гледаше со топол поглед. Ѝ беше жал за мене. Полека, кротко, со сочувствителен и сугестивен глас почна да ми објаснува дека поради операцијата не смеам да пијам вода и дека најверојатно тоа ќе потрае уште неколку дена. Тивко и испрекинато почнав да ѝ објаснувам дека вода морам да се напијам. Дека во моментот кога ме погодија бев мртов жеден. Дека толку жеден не сум бил никогаш во животот. Дека едноставно морам да се напијам вода. Џабе, ништо не помагаше. Сестрата беше решена да не ми даде ниту голтка вода.

Одеднаш стана, зеде некаква памучна вата, ја натопи со вода и почна да ми ја влажни устата. Сакав да ја гризнам за рака и да ја лапнам мократа вата. Но се воздржував. Џабе. Влажнењето на устата беше за џабе. Воопшто не ми помагаше. И понатаму умирав за вода. Тогаш сестрата отиде до еден мал фрижидер, извади мала коцка мраз и ми ја стави врз јазикот. Ми објасни да ја држам во уста додека не се стопи. Тоа беше најслатката коцка мраз во мојот живот, но ни оддалеку не беше доволна за мојата потреба за вода. Почнав да ѝ се умилкувам и да ја молам за уште една коцка. Тажно гледав во неа. И таа ме гледаше жално. Стана, отиде до фрижидерот и ми донесе уште една коцка мраз. И втората коцка мраз набрзина се стопи. Веднаш побарав нова. Тогаш сестрата стана, донесе еден шприц, ми го заби појма немам каде и јас веднаш се опуштив. Ми дојде дури и некако убаво. Заспав.

МАЈКА

Бев во бунило. На моменти не сфаќав каде се наоѓам. Ми мирисаше на умрено. Имав некакво чувство како смртта да беше насекаде околу мене. Во текот на ноќта донесоа една млада жена. Ја ставија на креветот до мене. Стенкаше. Офкаше. Преташе. Не сум сигурен, но мислам дека умре во текот на ноќта. Заспав во некаков грозничав сон. Се будев и пак заспивав. Повторно ќе се разбудев и пак ќе заспиев. Всушност, тоа не беше сон. Беше повеќе како некакво бунило.

Ме разбуди женски плач. Полека ги отворив очите. Во собата имаше дневна светлина. Дејството на опојката веќе беше поминато и чувствував силни болки. Немав претстава колку е часот. Погледнав кон средновечната жена што стоеше пред мојот кревет, ме гледаше и плачеше. Не ја познавав. Ми изгледаше како да ја гледам прв пат. Болките се засилуваа и стануваа неподносливи, едвај издржував, а жената пред мене низ плач ми зборуваше: „Мојот син настрада поради тебе, син ми настрада поради тебе“, повторуваше плачејќи. Срцето ми се стегна. Немав поим која е жената и кој е нејзиниот син, но нејзините зборови ме погодија силно. Претпоставував дека е мајка на некој настрадан полицаец.

„Многу те сакаше, заради тебе остана во ‘Тигрите’“, продолжуваше жената низ плач. „Мамо, се врати Стојанче, не сакам да ја напуштам единицата, ќе останам во ‘Тигрите’“, ѝ зборувал синот. Плачејќи ми објасни дека е мајка наОливер Китановски. Мајка на мојот полицаец Оливер од Башино Село, на кого претходно му бев командир на вод. Мајка на Оливер, кој постојано ми зборуваше колку риби лови на Велешко Езеро и на Вардарот. Мајка на Оливер, кој беше задолжен секој ден да ни кажува по еден виц. Мајката продолжуваше да плаче објаснувајќи ми дека преку некои ним блиски луѓе издејствувале нивниот единствен син Оливер да биде прераспореден како обезбедување кај претседателот Борис Трајковски. Но пред да замине, разбрал дека се враќам во „Тигрите“ како заменик-командант. Во периодот пред да се вратам во „Тигрите“, неколку месеци бев во Тетово како командант во Посебната полициска единица. Кога разбрал дека се враќам, Оливер не сакал ниту да слушне да ја напушти единицата. Сега Оливер полумртов лежеше во другата просторија, неколку метри подалеку од мене, а неговата мајка стоеше пред мене и плачеше.

Настрадал неколку часа по моето ранување, од граната што удрила на позицијата на која биле засолнети „Тигрите“, во гробиштата на с. Брњарци на ридот веднаш над Арачиново. Повеќе шрапнели со различни димензии се забиле во неговата глава. Неколку од нив навлегле длабоко во мозокот на 20-годишното, младо и силно момче. Само неверојатно жилавото тело го одржуваше во живот.

Гледав во мајката и стискав душа да не заплачам. Всушност, мислам дека тогаш сè уште бев во фаза кога не знаев да плачам.

Генерал Стојанче Ангелов