Последниот збор за „Пуч“ ќе го има екс претседателката на Врховен, Неделкова

0
1385

Екс шефицата на Врховен, Лидија Неделкова ќе одлучува по Барањето за заштита на законитоста за случајот „Пуч“, поднесено до највисокиот суд од Специјалното јавно обвинителство. Старо новиот претседател на највисокиот суд, Јово Вангеловски потврди дека сите предметите кои ги работел тој, сега со новиот распоред се во рацете на Неделкова. Меѓу нив е и барањето на СЈО за заштита на законитоста, каде Јанева наведува дека е спорна пресудата од три години затвор за Ѕвонко Костовски во случајот „Пуч“, постигната со спогодба со обвинителството на Марко Зврлевски. Во пресудата не било утврдено за која странска служба Костовски шпионирал а тој е осуден како помагач, без осуден сторител, пренесува Алсат-М.

Новиот претседател на Врховен објаснува дека СЈО се уште не го доставило судскиот предмет за „Пуч“ и затоа не може да постапуваат. Спогодбата на Костовски се уште ја нема СЈО бидејќи е во Јавното обвинителството. Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева токму во обвинетите и осудените во „Пуч“ гледа на „свиркачи“ кои можат да обезбедат клучни информации за незаконското прислушување. Таа повторно посочи дека носењето закон со кој тие сами ќе ги заштитуваат сведоците е повеќе од потребен.

„Еден вид свиркачи, мислам дека се и луѓето кои беа осудени и обвинети во предметот „Пуч“, бидејќи тие на еден начин заедно со пресконференциите што ги одржуваа во однос на незаконски прибавените докази, укажаа со кој криминал и кои криминални дејствија се спроведувале десет годишната власт на една политичка партија и на одредени функционери“, рече Катица Јанева, Специјален јавен обвинител.

СЈО пред два месеца се откажа од обвинението за „Пуч“. Доказите кои ги имале биле во спротивност со прикажаната состојба во обвинението, подготвено од обвинителството на Марко Зврлевски. Катица Јанева преку случајот „Таргет“ соопшти дека дошле до докази дека тајната полиција незаконски снимала телефонски разговори од 2008-ма до 2015-та година.