Повторно одложено рочиштето за „Пуч“, Катица Јанева РАСПУКА по сваровски судијката: Цела година ја манипулирате јавноста, како не ви е срам!

0
1361

Вистинска драма се случуваше на судењето за случајот „Пуч“ во Основниот суд Скопје 1 поради тоа што судијката Љубинка Башевска повторно ја одложи главната расправа, а на тоа жестоко се спротивставија специјалната обвинителка Катица Јанева, обвинетите меѓу кои и Зоран Заев, лидерот на СДСМ и нивните бранители, пренесува „Фокус“.

„Ова е срамота“, на цел глас викаше Јанева. Гласно реагираше и судијката Башевска која и реплицираше. Според Башевска судењето морало да се одложи бидејќи еден од поротниците се повлекол од лични причини, па на негово место бил поставен нов и уште еден за резерва, но и двајцата не поседувале безбедносни сертификати, кои требало да ги добијат од МВР.

-Еднаш во вашата кариера да бидете транспарентни, ја злоупотребувате должноста, цела година ја манипулирате јавноста, како не ви е срам“, рече Јанева.

Откако обвинителката и адвокатот Филип Медарски побараа судијката да се изјасни дали сведокот Никола Груевски е повикан на главната расправа, таа истакна дека го навредувале судот и се закани дека парично ќе ги казни, обвинувајќи ги дека го нарушувале редот.

Судењето е одложено на неопределено – се додека поротниците не ги добијат соодветните документи.

Кога Башевска ја соопшти својата одлука, и обвинетите и обвинителката реагираа дека ваквата одлука е срамна и е донесена по однапред смислено сценарио.

Во кавгата судијката дури три пати им се закани на Јанева и на бранителите дека парично ќе ги казни, но сепак не се осмели да го стори тоа. Таа му забрани на Заев да зборува по што сите револтирано ја напуштија судницата.