Повеќе од 400 рудари почнаа протест во Пробиштип

0
918

rudnik

Повеќе од 400 рудари претпладнево се собраа на протест пред управната зграда на „Индоминерали и метали“ во Пробиштип. Ним им се придружија и дел од рударите од рудникот Тораница, кај Крива Паланка, со кој, исто така, управуваат индиските сопственици од „Индоминерали“, јавува „Мета“.

Рударите од вчера се во генерален штрајк, по еднонеделниот прекин на работата. Бараат редовна исплатата на платите, но пред сè, обезбедување опрема и безбедни услови за работа. Од Синдикатот велат дека се проблематизира и уплатата на придонесите за пензиско осигурување. Имено, веќе пет месеци уплатата на осигурувањето е на ниво на минимална плата, а не според платата што ја добиваат. Рударите бараат примена на законите кои важат за сите во државата.

Според претседателот на синдикатот во рудникот Добрево, Тодос Гацовски, Управата на „Индоминерли“ вчера им се обратила со писмо, во кое вината за сосојбата во рудникот ја префрлила на рударите. Исто така, побарала рударите да го прекинат штрајкот и да се вратат во јамите, со ветување во писмото дека платите ќе им бидат исплатени во „догледно време“.

Во понеделникот, рудникот добил струја по неколку дена откако беше исклучен за неплатени сметки. Неофицијално, долгот за неплатена струја е повеќе од 800.000 евра.

Синдикатот има информација дека осум милини евра е долгот што компанијата го има кон разни доверители, како снабдувачи со храна, опрема и со потрошни материјали, како и за неплатена концесија кон Оштината Пробиштип и кон државата. Водата е веќе исклучена поради долг од 25.000 евра.

Владата идната недела ќе ја разгледува информацијата за сосојбите во двата рудника.

Според познавачите на состојбите, договорот што бил склучен со странските концесионери е крајно неповолен, бидејќи биле продадени погонот за флотација, без кој рудникот не може да работи, опремата, машините и управната зграда. Со тоа, станува речиси неможно некој нов концесионер да може брзо да го покрене производствениот процес, без огромни вложувања.

За регионот со висока невработеност, неработењето на двата рудника ќе биде со трајни последици, бидејќи од него зависи егзистенцијата на 1.000 семејства.

Извор: Мета