Писмо на германската канцеларка до македонскиот премиер: Направи се за да обезбедиш 80 пратеници за парламентот да го усвои договорот со Грција

0
4650

Германската влада денеска го објави писмото кое канцеларката Меркел му го испратила на македонскиот премиер Заев на 5 октомври. Во него Меркел ветува натамошна поддршка за имплементација на Преспанскиот договор.

Германската канцеларка Ангела Меркел оценува дека големо мнозинство од над 90 проценти од оние кои гласале на референдумот се изјасниле за поддршка на Договорот со Грција за решавање на спорот за името. Во писмо адресирано до македонскиот премиер Зоран Заев, Меркел вели дека сега е задача на парламентот да го спроведе договорот до крај.

„Спогодбата отвора шанса за историски договор и зајакнување на добрососедските односи. Притоа, се отстранува од патот и една важна пречка за приближувањето на Вашата земја кон ЕУ и НАТО. Сега е важно да се преземат следните критични чекори за имплементирање на договорот за името, со тоа што парламентот ќе одлучи за неопходните уставни измени“, наведува Меркел во писмото.

На крајот таа порачува дека се радува што и натаму „ќе работи на остварување на оваа цел“ заедно со македонскиот премиер.

Германската канцеларка во септември годинава ја посети Македонија и тогаш порача дека земјата е исправена пред историска шанса. Меркел тогаш ги повика граѓаните да излезат и да го дадат својот глас на референдумот, и со тоа да ја одредат иднината на државата. Тоа беше прва официјална посета на германски канцелар на Македонија, по кусата на Герхард Шредер во 1999 година.