ПЕТРЕ ШИЛЕГОВ ЌЕ ИНВЕСТИРА ВО ВОДНО: Ќе се градат велосипедски патеки, планинарски патеки, станица за изнајмување на велосипеди, како и адреналински парк и зиплајн

0
1611

Град Скопје објави огглас за изработка на Студија за туристичко-рекреативен центар Водно, во која се бара да се предложат решенија за изградба на велосипедски патеки, планинарски патеки, станица за изнајмување на велосипеди, како и адреналински парк и зиплајн. (Фото: СДК.МК)

Град Скопје сака на планината Водно да воведе нови содржини, за да стане поатрактивно рекреативно место за скопјани, но и за туристите. Затоа објавен е оглас за изработка на Студија за туристичко-рекреативен центар Водно, во која се бара да се предложат решенија за изградба на велосипедски патеки, планинарски патеки, станица за изнајмување на велосипеди, како и адреналински парк и зиплајн.

Во огласот, објавен на страната на Бирото за јавни набавки, се вели дека со изработката на студијата за наведените содржини не треба да се загрозува животната средина на Водно, односно предлог-патеките треба да се предвидат каде нема потреба од сечење на дрјва.

„Велосипедските патеки треба да минуваат помеѓу атрактивни предели на планината кои на рекреативците и спортистите ќе им овозможат уникатен визуелен впечаток. Да бидат предвидени неколку видиковци и места за одмор покрај новопредложените велосипедски патеки.

Студијата треба да содржи предлог локација за поставување на пункт за продажба и изнајмување на велосипеди и опрема, како и за нивно сервисирање. Концептуалниот план треба да содржи идентификација на најдобрите локации за поставување на зиплајн, адреналински парк и предлог за слични содржини кои ќе допринесат за развој на авантуристичкиот туризам и активен одмор“, стои во огласот објавен од Град Скопје.

Од секторот за Локален економски развој на Град Скопје велат дека оваа студија ќе биде еден мастерплан за идниот развој на градот и привлекување што поголем број посетители, а притоа ќе се води сметка да се зачува животната средина.

„Содржините вклучуваат патеки за планинарење, патеки за велосипедизам, нови видиковцки и летниковци, пунктови за изнајмување на велосипеди, адреналински парк, зиплајн. Очекуваме од договорната страна овој список да го надополни со многу повеќе содржини по терк на европските центри од сличен тип. Посебен акцент ќе биде ставен на делот со велосипедизмот, како еден од најбрзо растечките трендови во светот. Постојната инфраструктура односно жичницата ни овозможува идеални услови за разој на овој тип на рекреација и спорт.

Зиплајнот, како неизоставен дел од секој адреналински парк е само една од многуте содржини со коишто се надеваме дека ќе го збогатиме животот на скопјани, а секако и ќе привлечеме што повеќе туристи од регионот и од странство коишто практикуваат ваков тип на рекреација“, вели Марко Тодоров, раководител на секторот за Локален економски развој на Град Скопје.

Финалното идејно решение треба да биде подготвено со визуелизација, која ќе се презентира пред граѓаните, како и фокус групите кои ќе бидат директно и индиректно засегнати од предлог-содржините и изгледот на туристичко-рекреативниот центар Водно.