Пендаровски: Во Куманово не се случи кафеанска тепачка, скандалозно е што Иванов не бил информиран

0
1123

Нема пример во светот, врховниот командант на вооружените сили да не е информиран за акција против терористичка група на територијата на својата земја, вели професорот Стево Пендаровски за „Слободен печат“.

stevo

– Претседателот има конкретни надлежности да ја претставува државата надвор и голема одговорност за безбедноста. Тој го поставува началникот на Генералштабот. Значи, претседателот нема надлежност во културата и економијата па да го заобиколат и да не го информираат за ваква акција. Ова е невиден и шокантен податок кој како пример досега не сум го забележал во ниту една литература. Особено што претседателот и премиерот се од иста политичка опција. Да беа од различна, па да очекуваме да не го информирале, имајќи предвид дека се изнаслушавме се и сешто од овој режим. Но, јас не паметам и Црвенковски кога беше претседател, надлежните служби да го заобиколиле за нешто иако со Груевски беа од различна политичка партија – вели Пендаровски.

Тој нагласува дека претседателот редовно добива информации од трите разузнавачки служби од УБК, од АР и од военото разузнавање.

– Вакви состојби веројатно се случувале и порано. Штом тие на претседателот не му кажале ништо, што да очекува јавноста, дека ќе биде информирана за нешто? Станува збор за 22 жртви од акцијата од кои 8 припадници на специјалните сили. Не е ова кафеанска тепачка па не го информирале – дециден е Пендаровски.