Панорамското тркало ќе врти додека владата не каже доста е!

0
1008

Работата на панорамското тркало продолжи и денеска, иако вчера Собранието донесе заклучоци средствата од државниот буџет наменети за изградба на репрезентативни објекти, доколку е потребно, да бидат пренаменети за справување со последиците од поплавите што го погодија Скопје и околината.

Екипата на „Мета“ денеска забележа работници на местото каде се гради тркалото, но и тие не знаеја да ни одговорат дали ќе продолжат со работа или градежните активности ќе бидат прекинати.

– Како ќе ни кажат така. Никој досега не нè известил да престанеме со работа – ни изјавија работниците.

Од Град Скопје, велат дека панорамското тркало не е нивна надлежност, туку на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ затоа што ова претпријатие го гради со донации од Владата на Република Македонија.

– Ние немаме никаква врска со овој објект. Него го гради ЈСП, па ќе морате таму да прашате, дали ќе продолжи да се гради или не – вели Неделчо Крстевски, портпарол на Град Скопје.

Но, ниту од  ЈСП не знаеја дали ќе се стопира изградбата на тркалото.

„Немаме добиено никаква Одлука или известување. Доколку добиеме и во неа е наведено да се стопира изградбата секако дека ЈСП „Скопје“ ќе ја почитува одлуката“, велат од претпријатието за „Мета“.

Собранието на вчерашната седница не ги прифати предлог-заклучоците на опозицијата да се стопира „изградбата на објекти и други градежни активности долж течението на реката Вардар, а кои можат да предизвикаат несакани промени во водостојот и текот на водите“.

Во усвоените заклучоци не се бара пренамена на средствата од панорамско тркало, туку на средствата предвидени за набавка на возила, за изградба на репрезентативни објекти, за купување мебел и друга опрема, како и средства за репрезентација.

Сепак никој од наведените институции не знаеше да ни одговори дали панорамското тркало е репрезентативен објект или не?

Слободна Македонија“ минатата недела го праша претседателот на државата Ѓорге Иванов дали би препорачал трошоците за панорамското тркало да се пренасочат за жртвите од поплавите и за создавање на систем за заштита од идни поплави, на што тој одговори дека станува збор за одлука на Владата и оти тоа прашање треба да биде упатено до неа.

– Тоа е одлука на Влада, прашањето ќе го упатите до влада. Јас како врховен командант, сè што е во моја надлежност досега го преземав и во иднина ќе го преземаме она што е во функција на надлежност на институцијата претседател – одговори Иванов.

На прашањето дали панорамското тркало е репрезентативен објект и дали ќе се стопира неговата изградба не ни одговорија ниту од Владата на Република Македонија.

Панорамското тркало го гради скопски „Бетон“, чија понуда беше единствена на конкурсот што го распиша ЈСП и изнесува 18,2 милиони евра.

Овие пари ЈСП ќе ги обезбеди од сопствениот буџет и со донации од Владата, а изградбата ќе се финансира во повеќе буџетски години, до 2018 година.

Тркалото треба да биде готово до 2019 година.

Извор : Мета