Падот на режимот ќе направи клима за нормализирање на односите помеѓу Македонија и Бугарија

0
1839

Здраво Саше. Мислам дека твојата колумна за Миленко и споменикот на Кајмакчалан го постави темелот врз кој во блиска иднина би можеле да направиме мост на другарство со Бугарија. Првпат по 20 години јавноста таму осеќа дека јавна личност им подава пријателска рака. Мислам дека по падот на режимот ова што ти го посеа денес ќе направи клима за конференции, дебати, форуми меѓу либералните кругови од МК и БГ а тоа е предуслов за нормализирање на односите мешу двете држави. Кој тоа успее да го направи ќе биде херој, спасител на Македонија од оваа проклета самоизолација. Имаш моја комплетна поддршка за ова. П.С. Еве извадок мал од моја колумна за ОКНО каде давам мое скромно мислење за тоа како проблемот (тензија наследена од студената војна) со Бугарија и Грција би можел да се реши:

„Расчистување на отворените идентитетски прашања (во основата на конфликтот со Грција и Бугарија лежат онтолошки прашања поврзани со поширокото значење на идентитетскиот означител „Македонија“) неминовно ќе доведе до создавање услови за релаксирање на односите со јужниот и источниот сосед… Двете држави (Бугарија и Македонија) треба да се соочат со две вистини. Имено, кон крајот на 19-ти век поголемиот дел од интелигенцијата во Македонија зема учество во бугарското национално будење (т.е. бугарската национална преродба). Историското ВМРО се појавува како продолжение на овој процес со други средства. Од друга страна, пак, во периодот меѓу двете светски војни а особено за време на втората светска војна, доаѓа до масовно ширење на македонска национална свест меѓу интелигенцијата и широките народни маси низ цела Вардарска и Пиринска Македонија. Двете официјални науки ги игнорираат овие два клучни настана – и се’ додека овие втемелувачки настани се игнорираат, ќе продолжи бескрајниот валцер на перверзијата меѓу двете соседни држави и меѓу двата братски народа. Дури откако овие „неискажани“ и појдовни проблеми ќе бидат разрешени, ќе може да се отвори патот за решавање на другите трауматични прашања – статусот на македонско малцинство во Бугарија и на бугарското малцинство во Македонија.

Проблемите кои Македонија ги има со соседите Грција и Бугарија се поместена форма на последните два неразрешени конфликта на студената војна, имено југословенско-бугарскиот и југословенско-грчкиот конфликт околу Македонија. Двата конфликта се взаемно поврзани како систем на споени садови, што подразбира дека разрешувањето на отворените прашања со Бугарија (разликите во толкувањето на историјата со Бугарија и прашањето со малцинствата) ќе доведе до создавање услови за почеток на нормализација и на односите со Грција.

Неодложното разрешување на овие проблеми е од непроценливо значење за Македонија од две причини. Како прво, без успешно симболизирање на противречјата во нашата историјата, македонскиот идентитет ќе остане оспоруван и „непотполн“. Како второ, оставањето на овие прашања нерешени ќе доведе до подем на нови груевизми и слични идеологии – да не заборавиме дека главниот означител во политичката реторика на ДПМНЕ изминатите неколку години е тезата дека само оваа партија е способна и желна да го заштити македонскиот народ од оние кои го негираат неговиот идентитет. Сè додека постои основа за македонскиот идентитет да биде оспорувани, ќе постои и плодна почва за виреење на груевизмот или друга слична патологија.

Другарски поздрав!

Бојан Лазаревски