Павле Богоевски: За долгата рака и кратките нозе на ДПМНЕ

0
1474

„Долга е раката на ВМРО“ не е само реченица која комитите ја користеле за да всеат страв кај окупаторите. Во денешно време, тоа е реченица која е наменета да влее страв кај граѓаните и да предизвика насмевка на корумпираните усни на фамилијата и нејзините соучесници. Поврзувањето на оваа реченица со историското ВМРО е само додатен бонус во пропагандата дека ДПМНЕ и криминалците кои раководат со неа се наследници на ВМРО и дека како такви треба да бидат надвор од законот и подигнати на ниво на светињи во нашето општество.

Но, со секој одминат ден, станува се поочигледно како таа долга рака на ДПМНЕ и’ го покажува средниот прст на цела држава.
Прво тврдеа дека опремата во УБК е на Ериксон и дека тие се одговорни за неа. Од Ериксон им мавнаа шлаканица и рекоа дека целата македонска, но и светска јавност, сите прашања поврзани со незаконската експлоатација на опремата треба да ги упати кон, ни помалку ни повеќе – исклучиво кон СЈО.

Е сега, останува прашањето – што по ѓаволите ние треба да правиме со оваа информација? Одговорот е едноставен:

Бидејќи осомничените во случајот се високи функционери во УБК, од кои дел се уште се на своите функции, во овој случај УБК не смее да се третира како државен орган. Треба и мора да се третира како осомничена страна во процесот. Тоа значи дека не треба ниту грам доверба да се постави во таа институција. Ниту за чување на опремата, а уште помалку за извлекување на веродостојни податоци кои треба да се користат во судска постапка против нив.

Со други зборови, експертите кои ќе ги извлечат останатите податоци од опремата не смеат да бидат од УБК, без ралика дали конечно не’ удостоиле и се вратиле од „службените патувања“ (читај: попречување на истрага). Секој обид да се одолговлечи процесот на извлекување на информациите мора да биде третиран како попречување на истрагите на СЈО и да биде соодветно санкциониран. Да, андонов и чавков можеби се политички фигури задолжени за последните препелкања во калта на ДПМНЕ, но во истиот момент кога ќе станат пречка за СЈО, тие се претвораат во криминални фигури – прикривачи на веќе сторени кривични дела.

И треба да бидат третирани како такви.

Павле Богоевски – Фејсбук статус