Павле Богоевски: Генезата на еден тепач

0
1347

Вчера, околу 21:20ч, новинарот Павле Беловски од Телма беше нападнат со боксови и клоци пред МВР додека се подготвуваше за линк во живо во вестите во врска со претресот на СЈО.

Наводно, напаѓачот е Коста Попризов. Сега се поставува прашањето дали тоа е активист на некоја партија (читај: ДПМНЕ) кој бил инструиран да дојде и да го нападне новинарот кој доаѓа од телевизија која е трн во окото на власта; или е „обичен“граѓанин на кој му дошло преку глава од целата ситуација и решил да преземе нешто во врска со тоа (преку напад на новинар од телевизија која е трн во окото на власта).

Ниту едното, ниту другото. Овој инцидент не е класично криминален, но не е ниту малку случаен.

Доколку инцидентот беше организиран на ниво на партија, сигурен сум дека ќе беше подобро организиран. Нападот немаше да биде толку јавен, а напаѓачот немаше да биде откриен толку брзо.

Иако ДПМНЕ е партија која и претходно има жртвувано некои од своите насилници во име на јавниот имиџ, сепак доколку беше партиски организиран, волку блиску пред избори нападот повеќе ќе наликуваше на оние врз Саше Политико, Славчо Димитров и други, кога беа нападнати додека беа сами, без сведоци и без голема можност за спречување на нападот.

Останува објаснувањето дека наводниот напаѓач, Коста Попризов е „обичен“ граѓанин кој едноставно станува презаситен од „наметнатата политичка криза од страна на СДСМ и СОРОС, и неуморните напори на ЦИА, Грците и ламинатите за разнебитнување на светото античко македонско ткиво“ и решава да преземе нешто во врска со тоа. На најдобриот начин кој го знае и умее – со клоци и боксови. Ок. Во оваа наша ситуација од Зоната на самракот, и тоа има смисла.

Но, дали е така?

Постојано забораваме да го земеме предвид практичниот ефект на пропагандата на ДПМНЕ. Да, нам ни е смешно кога ги гледаме партиските без’рбетници и подлижувачи како ги уништуваат професиите и функциите кои ги претставуваат бранејќи ја мафијата, но не смееме да заборавиме дека се уште има луѓе кај кои тие пораки имаат ефект.

На пропагандата не треба да гледаме како на нешто апстрактно и философско, туку како на нешто многу видливо и конкретно, кое постојано ни се сервира во мали порции секаде околу нас. Тоа значи дека целата порака на пропагандата нема никаде да ја најдеме на едно место, но нејзините составни делови буквално ќе бидат сервирани на начин на кој со денови ќе одѕвонуваат во нашите глави и уши.

Во овој случај, имаме две компоненти:

1. Дека СЈО не спроведува правда, туку агенда на СДСМ и СОРОС која повеќе не е само тоа туку е и организиран напад врз државната безбедност. Оваа порака беше постојано пренесувана од сите партиски мегафони и куртон медиуми на ДПМНЕ, уште од истиот момент кога Катица се појави во УБК и бидејќи премногу зборувавме за ова минатите неколку дена, нема да навлегувам повеќе; и

2. Дека во овој случај, ударната тупаница на македонските непријатели се СЈО и медиумите. Имено, откако СЈО започна да ја спроведува наредбата за претрес, Претседателот на Судскиот Совет караџовски одржа прес конференција на која се пожали на огромните притисоци кои СЈО и медиумите ги вршеле врз судовите. Неговата прес конференција беше вртена по сите режимски портали, а нејзините пораки беа преџвакувани и вметнати во наративата на куртон водителите на вестите. Со тоа, тој им даде име и лице на абстрактните разнебитнувачи на светата, но и античка македонска нација.

Останатото е само чекање. Го садиш семето, и чекаш некој „обичен“ граѓанин, како што во случајов е наводниот напаѓач, да изникне од трулата почва и да ја земе одбраната на државата во своите раце. Буквално, да го претепа првиот „предавнички“ новинар на кој ќе налета. Потоа само си свиркаш и велиш дека не го одобруваш, но го разбираш револтот на граѓаните (како што рече гордана јанкуловска кога беше демолирањето на Општина центар).

Ама, џабе им е. СЈО ќе го спроведе претресот во УБК, од вчера имаме две нови истраги за финансиски криминал, а денес имаме два поранешни министри на распит во СЈО. Правдата, иако бавна, ќе ги стигне сите. Истрпевме десет години, ќе истрпиме уште малку.

Туку, грујо што ќе прави кога ќе биде осуден за криминал, а учебниците по историја ќе го паметат како најкорумпираниот и најтоталитарниот, а не најдобриот и најдемократски премиер во поновата македонска историја? Кога горде ќе биде запаметена како ударната тупаница на мафијата, а не како најдобрата министерка за внатрешни работи? Кога сашо ќе биде запаметен како најматниот мафијаш, а не како чуварот на капијата на националната безбедност? Кога бети ќе биде запамтена како медиумот за унапредување на организираниот економски криминал и корупција, а не за унапредување на културата во Македонија?

Не постои пропаганда која е доволно силна да го избрише и изврти тоа. Се гледаме на 11ти. А до тогаш братучед, слободно удри, ние се уште ќе бидеме тука.

Фејсбук статус на Павле Богоевски