ОХРИДСКАТА ГИМНАЗИЈА –РЕМЕК ДЕЛО ВО ОХРИДСКАТА АРХИТЕКТУРА

0
2287

Градбите претставуваат сведоштво за нашето постоење и опстојување низ годините, децениите, столетијата. Тие се неми сведоци за времето што одминува, но и за сите случувања што оставиле белег кој треба да се пренесе и на поколенијата. Охридската гимназиска зграда е дел од тој историски мозаик-таа е споменик на културата и сведоштво за континуитетот на просветата во нашиот град Охрид.

Гимназијата започнал да ја гради Ејуп Сабри-беј во 1908 година

Зградата на Охридската гимназија е изградена пред повеќе од 100 години или поточно во 1908 година. Започнал да ја гради Ејуп Сабри-беј,  Турчин од Охрид кој бил капетан, а потоа станал и мајор и живеел во близина каде што планирал да ја подигне  Гимназијата.

Историчарот д-р Павле Митрески кој долги години истражувал и прибирал податоци за овој препознатлив белег на Охрид и кој ја напишал монографијата за Гимназијата, вели дека е реткост Турчин да гради вакво здание.

-Таткото на Ејуп Сабри беј, стекнал имот во охридското село Елшани кој бил доста голем и решил чифлигот да го продаде на селани и од тие пари да се гради. Сабри беј мислел да изгради гимназија за образување на турските офицери. Тука има влијание и Нијази Беј од Ресен бидејќи тие двајца офицери биле добри пријатели, другари и соработници и по револуционерно движење.Успева имотот да го продаде за 5 600 турски лири. Тоа е злато, тоа се големи пари. Со тие пари доаѓа кај општинското раководство во Охрид и го бара местото каде што е Гимназијата сега, кое тогаш било блато во кое се капеле биволи и кое тешко можело да се премине. Тука течела вода која се движела кон Каналот Студенчишта. Тој го добива ова место и почнува да бара стручни луѓе за да може да гради, раскажува д-р Митрески.

Започнатата градба почнала да пропаѓа во блатото

Сабри беј ги најмил позната тајфа градежни работници од Вевчани на чело со големиот мајстор Спасе Костојчиновски.

-Така, во 1908 почнува градбата со сите потребни дозволи на општината. Бидејќи тука е блато, зградата која била изградена до половина почнала да пропаѓа. Но остроумниот вевчански мајстор рекол дека нема потреба од грижа. Решение има, но ќе треба да се најдат костенови дрва. Така, се извршила санација на зградата и таа станува стабилна. По месец  дена кога виделе  дека нема движење на темелите, градбата продолжила. Се градело три години, до 1910 година. Тешко одела градбата зашто тогаш немало градежни материјали и техника како денес. Покривот дошол по примерот на згради од париската архитектура.

Прекин во градењето поради општествено-политичките случувања

Парите дошле при крај. Тогаш се води младотурската револуција во која учествува и тој, се водат други војни, како Балканските кои оставаат последици врз народот, па така и врз семејството на Сабри беј кое вложува големи пари за турската војска.

-Војните си го направија своето. Гимназијата извесен период постои како карабина. Нема средства да се догради. Доградбата, внатрешното и надворешното уредување на Гимназијата одат етапно, согласно парите што се добивале по 1918 година бидејќи Вардарска Македонија и Охрид потпаѓаат под српска власт и Србите ја преземаат иницијативата да се догради оваа зграда. Целосно, ваква каква што ја гледаме, Гимназијата е доградена во 1927 година. Во меѓувреме, внатрешно се поправале некои соби за користење, појаснува историчарот Павле Митрески.

Судски спор за сопственоста на гимназиската зграда

Сабри беј станува пријател со Кемал Ататурк кој го презема во војската во Анкара. Останува таму и формира семејство. Бидејќи со промена на власта, тогаш со доаѓањето на Кралството Југославија, се доведуваат во прашање имотно-правните односи, тогаш Сабри беј бара, зградата да ја добие во негова сопственост. Започнува судски спор помеѓу градителот Сабри Беј и тогашното министерство за просвета во Кралството Југославија.

-Советуван од некои адвокати, градителот Сабри беј решил да тужи. Заштитата на правото на сопственост врз зградата го бара преку соодветните органи речиси осум години. На крај, сведоци, кои биле наметнати од српската власт, сведочат дека Турците не ја изградиле зградата, така што тој го губи спорот, вели д-р Митрески.

Со пожарот во 1937 година, Гимназијата го губи оригиналниот лик

Во 1937 година е опожарен потпокривниот простор.Во тоа време тука се наоѓал интернатот каде биле сместени учениците од соседните села и општини кои се грееле на дрва.

На 6 февруари 1937 година настанува пожар. Војската и дел од населението со кофи го гаснеле пожарот, а во меѓувреме ја известиле противпожарната единица која била сместена во Битола. Но додека дошле пожарникарите населението и војската веќе го изгаснале пожарот. Така, бил оштетен само горниот дел од објектот, а останатите подолни катови останале неоштетени.

Со реконструкцијата е вратен оригиналниот лик на Гимназијата

Првобитниот сјај на Охридската гимназија се враќа во 2006 година кога е изграден потпокривниот кат кој во 1937 година бил опожарен. Доградбата и реконструкцијата  ги изврши Општина Охрид со средства во висина од 15 милиони денари, донација од Светска банка.

Охридската гимназија –симбол на непокорот

Задржувајќи го својот примат на институција тековно се менувала дејноста: турска управа, офицерско училиште, општина, училиште со интернат.Како и да е, Гимназијата му пркоси на времето и на сите општествени прилики што се случувале во Охрид. Поминала разни времиња, разни власти, а сепак постои и останува симбол на македонскиот непокор поради што е достојна да го носи името на Свети Климент Охридски.

Текстот „Охридската гимназија –ремек дело во охридската архитектура“ е дел од  проектот ,, Охрид во духот на етно- традицијата,,  поддржан од Општина Охрид преку секторот за Туризам и локален економски развој. Целта е  создавање  уникатна слика на градот кој насекаде во светот е познат по неговото културно историско богатство но и поттик за зголемена конкурентност на регионално, национално и меѓународно ниво. Целта исто така е преку пласирање на информации да се придонесе кон промовирање на дестинацијата и креирање имиџ на туристичкиот пазар.