Отворено писмо до Марко Зврлевски: Уништувањето на наменската стара зграда на Архивот е зло кон нашите предци и кон идните генерации

0
1155

Ви пишувам отворено писмо претпоставувајќи дека доколку истото го испратам до Вас, ќе заврши во корпа за отпадоци. Вака има можност некој ваш соработник да го прочита и да ви ја пренесе содржината на истото.

Писаниево е во врска со старата зграда на Државниот архив на РМ. Колку за информација на македонската јавност ќе објаснам дека пред околу три години, од потреба за задоволување на нечии хирови, Државниот архив на РМ беше буквално „откорнат“ од наменски градената зграда.

Тоа е градба со посебно изолирани депоа со целосна инсталација за одржување на влажноста на документите, што ќе признаете е од исклучителна важност за зачувување на македонското национално богатство како што е документацијата за македонската држава. Документацијата се чува во хартиена форма, но и како микрофилмуван материјал со децении макотрпно истражуван од бројни еминентни научни и архивски работници.

Дополнително, архитектите предвиделе прекрасно светли канцеларии за вработените во Државниот архив на РМ бидејќи обработката на материјалите и нивното евидентирање е работа која бара остар вид, маски на лице за заштита од прашина и многу свеж воздух. И она што нам, како на истражувачи ни е важно е одлично осмислената читална која беше полна со истражувачи, што е всушност и смислата на еден Државен архив.

Во истата зграда се наоѓаат и канцелариите на вработените во Институтот за национална историја кои во секое време можеа да слезат во читалната на Државниот архив и да истражуваат. Истото се однесуваше и на колегите од Институтот за македонски јазик, за колегите од Институтот за македонска литература, за колегите од кампусот на УКИМ. Впрочем во секоја држава факултетите и научните институции, поткрепени со архви сочинуваат едно интелектуално јадро.
Во секоја нормална држава.

Пред неколку години од така осмислена наменска зграда, Државниот архив на РМ го однесоа во чавкарница на 7-миот кат во зградата на Археолошкиот музеј крај Вардар. Првиот впечаток на секој од истражувачите, кои се помалку и помалку ги има во Државниот архив на РМ е дека тоа е страшно непрофесионално и неуко изведен простор за сместување на една толку важна државна институција како Државен архив. Во тој простор нема воздух бидејќи нема прозорци во канцелариите, нема дневна светлина, нема никави услови за работа. Штом не работи лифтот немате друг избор, освен пешачење до 7-ми кат, што ќе признаете дека е крајно неизводливо за повозрасни истражувачи.

Читалната е едно ќоше непримерно и смешно прилагодено за таа намена, без никаки услови за работа на еден истражувач. Тоа е нешто што го немам видено во ниту еден државен архив ниту во регионот, ниту подалеку, а верувајте ми, сум работела во многу.

И после прeселбата, документацијата се чуваше во старата наменска зграда до пред извесно време, но се разбира, повторно за задоволување на нечии хирови, ја пренесоа во мемла, вода до колена, или накусо, ја однесоа за да се уништи. Прашања безброј, одговор нема. И најпосле проблемот на кој се однесува ова мое писмо. Дниве се актуелизира пренаменувањето на одличната зграда наменски градена со сите нишани за Државен архив во простории за Јавно обвинителство Одделение за организиран криминал.

Верувам поради задоволување на нечии хирови ќе биде уништено нешто што секој друг бескрајно би го ценел и почитувал. Ама некој друг, но не и ние. Колку и да ви е смешно моето мислење, сепак ќе го напишам. Со заминувањето на Обвинителствата во зградата покрај Вардар во Апелациониот суд се ослободија сосема доволно канцеларии и простор за сместување на ова одделение кое е во моментов под Ваша ингеренција. А доколку имате потреба за нови канцеларии земете ги оние во кои сега е сместен Државниот архив на РМ. Таму недостасуваат само издлабени стихови по ѕидовите за просториите да се користат како беспрекорни ќелии.

Копањата, прекопувањата и уништувањето на наменската стара зграда на Архивот е зло кон нашите предци, како и кон идните генерации, наши потомци. Мојот апел до Вас е да го стопирате бесмисленoто уривање на зградата (внатрешно, а веројатно и надворешно) и да се заложите средствата кои би ги потрошиле за таа намена да се пренаменат за средување на старите канцеларии и да се врати Државниот архив на РМ во нормални простирии. Со тоа, ќе се заштеди голем дел од предвидените средства за уништување на едно национално богатство, препознатливо кај сите наши домашни и странски истражувачи. Воедно, она што е најважно, ќе се заштитат баскрајно богатите фондови на документи депонирани во оваа значајна институција, а кои се донесени во Македонија од архивите во Лондон, Вашингтон, Москва, Букурешт, Виена и каде уште не. Во мометот кога ќе почне уништувањето на зградата помислете што сте можеле, но не сте запреле. Пишав што имав да кажам. Мојата совест сега е мирна, на ред е Вашата.

Проф. д-р Катерина Тодороска Научен советник во Институтот за национална историја