Орав РАСПАЛИ за состојбата со медиумите: Отсуствува балансирано и фер известување, постои самоцензура кај новинарите, јавните институции се нетранспарентни, има потреба од независно регулаторно тело, а финансирањето на медиумите е недоволно транспарентно

0
1104

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Делегацијата на Европската унија во Скопје, по повод 3 мај, Меѓународниот ден на слободата на печатот, денеска во Скопје го означија почетокот на проектот „Вмрежување на новинари за слобода на медиуми“, поддржан од Европската унија.

– Независни, плурални и слободни медиуми се есенцијални за демократијата на секоја земја и за благосостојбата на граѓаните. Тие ја зголемуваат транспарентноста и отченоста на властите поврзани со прашања од јавен интерес – рече евроамбасадорот Аиво Орав.

Според него, предизвиците на Македонија поврзани со слободата на изразувањето се бројни, отсуствува балансирано и фер известување, постои самоцензура кај новинарите, јавните институции се нетранспарентни, има потреба од независно регулаторно тело, а финансирањето на медиумите е недоволно транспарентно.

– Ние сите знаеме дека граѓаните треба да бидат целосно информирани за да бидат во можност да изградат мислење и да учествуваат во процесот на донесување одлуки што влијаат врз нивните животи – додаде Орав, според кого, секое заплашување и насилство врз поединци за изнесување сопствено мислење во јавноста е неприфатливо.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, се заложи за поголема солидарност на новинарите и медиумите со новинарот Зоран Божиновски, притворен во затворот во Шуто Оризари во случајот „Шпион“.

Селмани изрази загриженост што најголем дел од македонските медиуми не известувале за Божиновски или одбегнале да го спомнат неговото име.

– Не е време за академска расправа за тоа што е добро новинарство, туку е критично време кога треба да ја спасиме вербата дека во Македонија може да имаме слободни и професионални медиуми – рече Селмани и повика на поголема солидарност со Божиновски.