Општина Центар: Паушални и несериозни коментари за измените во ДУП “Дебар Маало”

0
1736

Соопштение на Општина Центар:

Opshtina_Centar_Foto

На 15 јули беше јавната презентација за предлог измените во овој ДУП. Иако поканата беше јавна и отворена за сите граѓани, медиуми и невладини организации, присуствуваа само заинтересираните граѓани и институции.
И покрај тоа што законската обврска е десет работни дена, одлучивме јавната анкета да трае два месеци, како никогаш досега, и како за ниту еден ДУП. Ова го направивме за конечно да се слушне и прифати гласот на граѓаните. Сите издржани предлози од јавната анкета ќе бидат имплементирани во конечната верзија на ДУП Дебар Маало 1 и Дебар Маало 2.
Во измените на планот што се подготвуваат, нема драстични разлики со постоечкиот ДУП донесен во 2012 година од претходното раководство на Советот. Тогаш никој не реагираше на решенијата во ДУП – от.
Сега само се усогласуваат границите на градските четврти по Генералниот урбанистички план на Град Скопје, што е и законска обврска на општината.
Во секој нов план, согласно член 46 од “Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање”, еднаш стекната височина, не смее да се менува.
На местото на бараките на општина Центар, според ДУП –овите од 2011 и 2012 год. предвидена е катност од приземје и 15 спрата. Намената е јавна институција и решенијата се од постоечкиот ДУП.
На другата, наводно, спорна локација зад општинската зграда, е предвидена изградба на образовна институција и планирана и превземена од ГУП –от донесен од Град Скопје, во 2012 година. Бидејќи се работи за план од повисоко ниво, општина Центар не може да прави никакви измени.
Во врска со градежните парцели на ЈПССДП, согласно одлука на Влада на Р.М. за утврдување на градби од посебен интерес, објектите се под ингеренција на Министерство на транспорт и врски, што значи дека општината не може да има никаква надлежност на тие парцели.
Истото се однесува и на површината на Министерството за култура, кое беше регулирано со планот од 2009 година.
Дезинформација е дека во измените во ДУП – от се зголемува катноста на пазарчето Буњаковец. Во предлог новиот ДУП, кој е на јавна анкета, јасно се гледа дека е планиран приземен објект со висина согласно правилата.
Двомесечната јавна анкета за ДУП Дебар Маало 1 и Дебар Маало 2 завршува утре, 11.09.2015 година. Уште еднаш, општина Центар, ги повикува сите заинтересирани и загрижени да дојдат во општината или да ги пополнат анкетните прашалници. Само вака можеме да донесеме издржан план во интерес на сите нас. Се’ друго ќе сметаме дека е неаргументирано и тенденциозно критизерство.