Општина Центар до Владата: Прекинете со криминалната распродажба на нашето градежно земјиште

0
972

„Министерството за транспорт и врски, година и пол молчи и не одговара на барањето и на ургенциите на општина Центар, да и’ го додели во владение неизграденото градежно земјиште, кое се’ уште е во сопственост на Република Македонија. На граѓаните на општина Центар им е одземено правото самите да одлучуваат за земјиштето во нивната општина.

Opshtina_Centar_Foto

Владата во меѓувреме „купува“ време за да ги оттуѓи сите парцели на партиски луѓе или бизнис „елита“ блиска до власта.

Со Програмата 2015 година за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Центар, беа предвидени градежни парцели што ќе бидат предмет на јавно наддавање, а со кои ќе располага општина Центар. Со оваа програма општината не можеше на аплицира во Министерството за транспорт и врски, затоа што Владата донесе одлуки за утврдување градби од посебен интерес за изработка на урбанистичко планска документација со што беа одземени две атрактивни градежни парцели од програмата на општина Центар, а притоа не го дефинира посебниот интерес со закон. Затоа, на последната седница Советот на општина Центар, едногласно мораше да донесе одлука за неопходните измени и дополнувања на Програмата“, велат од Општина Центар.

„Додека до бесконечност „си играат“ со општина Центар, се оттуѓуваат парцелите. Последен случај е објавеното јавно наддавање на градежна парцела за катна гаража кај Нова Македонија ,објавено во Службен весник на 07.07.2015 година.

До сега, Владата ги оттуѓи сите градежни парцели за хотели кај СРЦ Кале, парцелата за спорт и рекреација кај стадионот, а скандалозен беше обидот за багателна лицитација на земјиштето за изградба на хотел кај комплексот банки.

Општина Центар апелира до Министерството за транспорт и врски и Владата да прекинат со оттуѓувањето на неизграденото градежно земјиште на нејзина територија и конечно да одговори на барањето на општината, и како и во сите други единици на локалната самоуправа, да и го даде во владение ова земјиште“, соопштуваат од Центар.