Општина Гази Баба одбележа 43 години од своето постоење

0
1191

Со повеќе настани општина Гази Баба одбележа 43 години од своето постоење. Одбележувањето на Денот на општината започна со свечена седница на Советот на општината, каде беа доделени стипендии за талентирани ученици и спортисти, како и наградите за најдобрите творби и цртежи на тема – Мојата општина.

Традиционално во чест на Денот на општината беше во соработка со Црвениот крст Гази Баба, беше одржана крводарителска акција, на која градоначалникот Георгиевски даруваше крв по 31 пат. Градоначалникот Георгиевски ја одигра и првата партија шах отворајќи го и меѓународниот шаховскиот турнир на кои учество земаа 120 учесници, од земјава, Србија, Бугарија и Косово.

Во чест на Денот на општината се одржа и проектот „Градиме заедничка иднина” кој е единствен проект во земјава и на едно место ги обединува 400 ученици и нивните наставници од сите 11 основни училишта во општината, од сите еднички заедници. Учениците проектот го отворија со претставата „Кој да го освои срцето на Сара“, а беше презентирана и песната „Мостови на другарство“.

Одбележувањето на Денот на општината заврши со свечена академија, каде пред присутните се обрати градоначалникот Георгиевски кој ги додели и наградите Големата мајка, како најголемо признание на општината за истакнати личности и организации.

–  „43 години општина Гази Баба растеше и се развиваше заедно со нас. Од денешна гледна точка, по четири децении може да се каже дека општината прерасна во урбана, отворена и модерна општина по мерка на своите жители. Секој градоначалник на свој начин и преку своите умешности, допринеле за нејзиниот развој. Овие две години вложивме многу за развојот на општината, како во руралниот така и во урбаниот дел. Селата повеќе не се отсечени од општината и се повеќе добиваат нов и современ лик, со достојни услови за живот.

А урбаните средини ги добиваат крајните финеси кои недостасуваа за да бидат целосно модерни. Затоа со гордост можам да кажам дека 2 години општина Гази Баба оди кон подобро, две години создаваме услови за подобра иднина на сите жители во општината. За овие две години, успеавме да реализираме над 100 проекти во сите области, а особено сум горд што решивме голем број на клучни проблеми на жителите, кои чекаа подобри времиња повеќе од 15 години.“ – истакна во своето обраќање градоначалникот Георгиевски.

Оваа година наградата Големата мајка за хуманост и солидарност ја доби Петар Христов, претседател на ОО Црвен крст Гази Баба кои во својот живот има дарувано 101 пат крв. Наградата за образование ја доби Дејан Ангеловски, професор по физичко, кој е и рекордер во фрлање на копје и ѓуле. Во категоријата култура наградата Големата мајка ја доби Тоде Спасовски, композитор, сценарист, автор на манифестацијата Ревија на народни носии и песни која традиционално се одржува во Црешево.

Наградата Големата мајка во категоријата млади ја доби Ана Марија Атанасова, која оваа година го освои првото место на Microsoft Office Specialist во Македонија, како и второто место во категоријата Microsoft Office PowerPoint 2013 на светскиот натпревар во САД. Наградата за заштита и унапредување на животната средина ја доби здружението за доброволна работа „Акцијаши“, чии членови учествуваа на многу еко акции организирани од страна на општина Гази Баба. Големата мајка во категоријата уметност ја доби уметникот Зоран Тошевски, кој е дипломиран вајар. Наградата за спорт ја доби Светозар Станковски, претседател на Фудбалскиот Сојуз на Гази Баба.

Наградата во категорија агар ја доби пчеларство Митревски, пчеларска фирма која работи од 1999 година и е докажан бренд на општината. Во категоријата наука наградата Големата мајка ја доби проф. д-р Зоран Поповски, редовен професор на Факултетот за Земјоделски науки и храна, на катедрата за биохемија и генетско инжињерство. Тој е основач на лабораторииите за биохемија и молекуларна биологија на Факултетот за Наука и храна, како и лабораторијата за протеинска ДНК технологија на Технолошко – Металуршкиот Факултет во Скопје.

Како благодарност за повеќе компании кои доброволно се јавија на повикот од градоначалникот Георгиевски и донираа во обновувањето за две опожарени куќи во Вардариште, од страна на градоначалникот Георгиевски беа доделени благодарници за несебичниот придонес на овие општествено одговори компании.

ОПШТИНА ГАЗИ БАБА

Одделение за односи со јавност