Општина Гази Баба заедно со стручните средни училишта и Центарот за меѓуетничка толеранција ќе се борат против заминувањето на пладите од земјава

0
1089

Општина Гази Баба заедно со стручните средни училишта кои се на нејзина територија, бизнис клубот од Гази Баба и Центарот за меѓуетничка толеранција, работат за изнаоѓање на решение за недостатокот на работна сила во компаниите, како и за привлекување на ученици во овие стручни училишта, кои потоа ќе бидат вработени во компаниите.

Изработија истражување за одливот на мозоци од од земјава под наслов  „Туѓината пуста да остане, државата празна ни остана“ кое денеска беше презентирано.

На настанот, градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски посочи дека само со здружени сили и добра стратегија во образованието и компаниите, може да се спречи одливот на мозоци во земјава.

  • Заеднички работиме на едукација, обука, преквалификација и доживотно учење, а посебен акцент ставивме на подигнување на свеста кај младите за изучување на стручните насоки како и по завршувањето на образованието да го најдат своето место во компаниите во земјава. Затоа ги охрабрувам младите кои се уште не одлучиле каде сакаат да го продолжат своето образование, да одберат струка која ќе им донесе знаење и подготвеност за потоа со помош на општина Гази Баба и компаниите, полесно да дојдат до работа соодветна на нивното образование. А компаниите ги поттикнувам да ги отворат своите врати и да им дадат шанса на едуцираните млади своето знаење да го пренесат во нивните фирми, рече Георгиевски.

Според професорот Владо Димовски, кој е претседател на Центарот за меѓуетничка толеранција, оствариле соработка и со повеќе институции со цел да биде ефикасно истражувањето и понатамошната имплементација на проектот.

  • Остваривме тесната соработка на општината и Центарот со градот Скопје и другите средни училишта од Скопје од градежните струки, прехранбените струки- пекарската, месарската, угостителските струки, хемиските насоки и земјоделската и ветеринарна струка секако се гаранција за обезбедување потребан кадар за задоволување на потребите на компаниите. Со понатамошните активности на општината и центарот  за обука и преквалификација подготвени сме да им излеземе во пресрет на сите компании кои имаат потреба од квалификуван и неквалификуван кадар.  Воспоставивме одлична почетна соработка и со Асоцијата на металната и електро индустрија МАМЕИ со кои ќе продолжиме заеднички да се грижиме за сите потреби на бизнис компаниите од Гази Баба па и пошироко, посочи Димовски.

Според директорот на средното училиште на град Скопје „Осми септември“, Кенан Асани, за државата да има иднина, неопходно е изучување и создавање на стручен кадар.

  • За нашите ученици, за сите е гарантирана работа, а првиот чекор кој што го направивме е стипендирање на средношколците за изучување на струките. На почетокот одеше тешко но сепак сфативме дека децата мора да се стипендираат и да се стимулираат. Сега сите компании едногласно стојат зад ова и ги стипендираат сите деца кои учат и кои ќе се запишат кај нас, а по завршувањето на образованието ќе бидат вработени во компаниите.

Целта на заедничкиот проект е да се насочат младите да ги изучуваат стручните насоки, кои ќе бидат стипендирани, да научат да читаат техничка документација, да бидат спремни кога ќе отидат во компаниите кои им гарантираат вработување и со своето знаење да целат напред, да создаваат во сопствената држава, наместо да тапкаат во место или да бегаат во странство.