Од што се плашат

0
1337

Генерализирајќи преку примерот на локалната власт, каде битисуваме ние Прилепчани и преку локалната патриот-политика на преродбеничките носители на јавни функции, кога станува збор за промовирање и реализација на проекти, напредок и подобрување на животен стандард на граѓаните, изминатава декада ни помина во целосно отсуство на дебата помеѓу политичките опоненти, па наместо конфронтирање, реален натпревар на идеи, на малите екрани добивме турски и шпански сапуници со синхронизиран превод со однапред познат епилог. Ги изретчивме мозочните ќелии од идеолошка пасивност, па слепо го восприемаме сето она што како „вест„ ни се сервира на националните медиуми.

Сте се запрашале ли зошто „патриотиве„ не излегуваат на дебатни емисии, се сеќавате ли дека до пред десет години бевме сведоци на спектакуларни соочувања помеѓу политичките опоненти,и преку нивниот јавен настап имавме можност реално да го оцениме нивниот интелектуален капацитет во познавање на проблематиката чие што решавање значеше подобрување на квалитетот на нашите животи, дека преку нивната дебата можевме да донесеме суд за способноста и кадарноста на една или на друга политичка опција.

Прилеп Градот херој, по однос на ова прашање се претвори во кукавичко гнездо, општинската зграда во седело за ластовици кои знаат дека децениското грабање еден ден ќе заврши и ќе одлетаат кон потопли краишта, оставајќи ги „недоносените„ да смрзнуваат во суровата клима која ја оставиле зад себе.

Ги плаши ли тоа што ќе се соочат со вистината за начинот на о/позиционото функционирање, интересот на бизнис секторот и личните интереси на поединците од двата табори.

Ако сеуште остана некој, на кој не му е јасна хиерархиската поставеност на политичките фигури во градот а преку тој пример и низ целата држава на локално ниво, тогаш добро е да се знае дека победата на еден или друг политички субјект тука, зависи од изборот на само еден човек и политичката клима, кој по методот на бизнис логиката вложува во добитната комбинација на секои локални или парламентарни избори, не оставајќи го при тоа неговиот ривал со празни раце и неизвесна иднина, во смисла на егзистенција на неговиот потесен круг. И од тука започнува процесот на делумна реализација на изборните ветувања од кои сосема мал дел го чувствуваме ние граѓаните и тоа само визуелно преку изградба на паркчиња од илјадници евра, споменици, неискористени спортски сали и шминка на постоечката инфраструктура, дури и ова како и се друго се сведува на бизнис помеѓу локалните стопанственици, тендерско-интересна заедница составена од власт и опозиција од која како плод ние граѓаните добиваме неопходен минималец „милостина„, кој повторно сме приморани да го вратиме во општинскиот буџет за чисти сметки и тоа е всушност клинестиот околувратник со кој овие погоре не насочуваат во саканиот правец и не дозволуваат да забегаме кон јавно изразување на незадоволството и катадневната економска неизвесност.

Ако човек опсежно ги анализира сите реализирани проекти во градот (секој во својот), паралелно ценејќи ги економските текови на локалните бизнис субјекти и однесувањето на политичките ривали, нема да го одмине заклучокот кој погоре е апстрахиран и ќе се разочара од изгледите за неговата просперитетна иднина и во изгледите за таква на неговите поколенија, ќе свати дека тука за да добиеш дел од „холивудскиот сон„ треба да влезеш во добро разработената шема „плати па клати„ и условот „наследена функција„.

Ете затоа од тука заминаа сите оние високообразовани кадри, млади деца полни со елан во остварување на својот сон за нормален а не луксузен живот, тие први сватија дека нивното знаење, компетентност и квалификации тука се апсолутно невредни и егзистенцијално неисплатливи, сватија дека недалеку од оваа држава достоинствениот живот кој можат да го заработат со плата на „келнер„ тука е само третина од она што би можеле да си го дозволат работејќи како високо-квалификуван кадар во најдобрата локална фирма. Практично ќе сватите дека всушност организациската поставеност на опшествениот живот во нашиот град е една голема фирма која од надвор се претставува преку ликот на Градоначалник, Совет на Општина Прилеп и Советници а всушност служи за реализација на заедничката цел „грабање и распределба на општинскиот буџет„.

Ете затоа драги сограѓани, едните кои се претставуваат како власт а другите како опозиција, се плашат да излезат јавно пред малите екрани и да дебатираат за добри или лоши локални политики, да се критикуваат меѓу себе надвор од договорените рамки, да ги разголуваат нечесните намери на другиот и на таков начин да придонесат кон подобрување на квалитетот на нашиот животен век.

Затоа на наредните избори кога и да се, не го заборавајте основното правило кое мора да се испочитува за да се испазари квалитетен „бостан„.

Фејсбук статус на адвокат Жарко Стеваноски