Ова е Јане Тодоровски – единственото прваче во тетовско Жилче

0
1512

Во тетовското село Жилче, во oсновното училиште „Шемшово“, годинава првпат има само едно прваче – Јане Тодоровски.

Сè уште има пет години, шест ќе полни во ноември. Стокмен убаво, со нови патики, фармерки и сино кошулче со подвиткани ракави, тој вчера беше на првиот училиштен час.

Порталот Факултети.мк го одбележа овој голем момент во неговиот живот.

-Кога учителката ќе реши да го испрашува целото одделение, првоодделенецот Јане никогаш нема да може да се спаси. Кога целото одделение ќе реши да бега од час, одлуката ќе биде само негова. Тој ќе биде единствениот претседател на одделението, благајник и дежурен ученик. Секоја недела… секој ден… цела учебна година, пишува порталот.

Мајка му Сашка и татко му Зоран се двоумеле дали да го запишат во друго училиште во Тетово за да не биде сам. Сепак, се решиле да учи во селото каде што живее за да не го мачат да патува секој ден.

– Малечок е. Зошто да патува секој ден половина час до Тетово кога училиштето му е на една минута од дома. Се надевам дека ќе се снајде добро и дека ништо нема да му недостига – вели мајка му Сашка.

Во Жилче првпат има само едно прваче. Лани имале девет, а вгодина ќе има две. Бројот на децата секоја година се намалува. Наставничката објаснува дека затоа и учениците учат во комбинирана настава.

Целата сторија за малиот Јане, прочитајте ја на Факултети.мк.