Обама ја помилува Челси Менинг, Сноуден и Асанж ја поздравија одлуката

0
1488

Претседателот во заминување на САД Барак Обама, три денови пред истекот на неговиот мандат, донесе одлука за помилување, односно ослободување или намалување на казната на повеќе од 200 затвореници, меѓу кои е и транссексуалниот војник Челси Менинг, соопшти Белата куќа.

Менинг (28), чие право име е Бредли, осудена е во август 2013 година на 35 години казна затвор за шпионажа заедно со други службеници, по објавување на документи на сајтот на Викиликс, а според одлуката на Обама од затвор ќе излезе во мај.

„Ја поздравувам одлуката на Обама да ја намали 35-годишната казна на Челси Менинг“, наведе во соопштение основачот на Викиликс Џулијан Асанж.

Сега вниманието се насочува кон самиот Асанж, откако Викиликс наведе на Твитер минатата седмица, дека „ако Обама нареди да биде помилувана Менинг, Асанж ќе се согласи да биде екстрадиран во САД, иако случајот, поведен од Министерството за правда, очигледно е неуставен“.

Веќе четири години основачот на Викиликс се крие во амбасадата на Еквадор во Лондон.  Тој одби да застане пред обвинителството во Шведска, каде треба да му се суди по обвинение за силување, стравувајќи дека шведските власти можат да го екстрадираат во САД, каде е обвинет за шпионажа.

Едвард Сноуден, друг поранешен соработник на американското разузнавање, кој изнесе голем број на класифицирани информции, му се заглагодари на Обама за намалувањето на казната за Менинг.

„За пет месеци ќе бидеш слободна. Ти благодарм за се што стори за сите Челси. Издржи уште малку“, и порача Сноуден на Менинг.

Воедно тој се заблагодари и на активистите кои се борале за ваков исход, но и на претседателот Обама.

„Да кажеме искрено, од се срце: Благодарам Обама“, напиша Сноуден.

Според претседателот на Претставничкиот дом Пол Рајан одлуката на претседателот е „едноставно срамна“.

– Поранешниот аналитичар на военото разузнавање „ги загрози животите на Американците и откри некои од најделикатните тајни на земјата, истакна Рајан.

Според него Обама „создава опасен преседан, дека оние кои ја загрозиле нашата национална безбедност, нема да бидат одговорни за нивните злосторства“.

Војникот Челси Менинг го привлече вниманието на меѓународните медиуми откако предаде документи на Викиликс со илјадници доверливи воени документи.

Менинг е меѓу 209-те затвореници, чија казна е намалена од страна на Обама.

Други 64 затвореници се помилувани, меѓу кои и пензионираниот генерал Џејмс Картрајт, обвинет за кровоклетство при истрага за обелоденување на класифицирани информации.

Менинг, кој беше аналитичар на разузнувачките служби во Ирак, го призна изнесувањето на 700.000 документи, но тврди дека целта му била да го сврти јавното внимание кон последиците од војната врз цивилното население.