Нуланд доаѓа во јули – ќе има ли нов договор?

0
1630

Американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд околу 10 јули треба да дојде во Македонија, објави Телма.

“Сега е време да се стави крај на политичката криза“, порача Нуланд во Скопје, лани во јули.

Една година подоцна кризата само се продлабочи.

Сега се очекува нејзината посета да го прекине преговарачкото затишје меѓу четирите партии. Тоа не значи да ги седне на преговарачка маса партиските лидери, ниту да понуди конечно решение за кризата, но високата американска функционерка може да ги поттикне да се повлечат од своите црвени линии.

Во политичките кругови дури се споменува и нов политички договор кој исто така треба да резултира со избори, а опозицијата веќе го спомена ноември како можен термин.

Агендата на посетата на Нуланд се уште се договара, па освен средби со лидерите, не се знае дали воопшто ќе се сретне со претседателот Ѓорѓе Иванов, кој со својот последен говор ги засили поделбите и  обвини дека странски држави ја дестабилизираат Македонија.

Неизвесно е и дали опозицијата ќе се врати во Парламентот пред Нуланд да пристигне.

Американскиот амбасадор Бејли порача дека исклучително е важно да не се попречува работата на Специјалното јавно обвинителство, а секоја партија си е одговорна за своите постапки.

-Ги поттикнуваме сите партии и институции да работат на отстранување на сите пречки за работата на СЈО. Тоа е многу важно за воспоставување одговорност за прислушувањето и разговорите кои произлегоа од него. Како што кажа Европската унија вчера, одговорноста на партиите е да продолжат да го спроведуваат Пржинскиот договор и да ја движат Македонија кон членство во ЕУ и НАТО, порача Бејли.

Европската Унија по одлуката на СДСМ да го бојкотира парламентот ги потсети партиските лидери дека парламентите се клучни за европските демократии и ги повика да се однесуваат одговорно.

Во меѓувреме се зголемува меѓународниот притисок и врз власта и врз опозицијата. Лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА и во наредните денови ќе продолжат да комуницираат само преку странските дипломати во земјава.

Засега само даваат предлози за да се стави крај на кризата, а европските и американските дипломати го опипуваат теренот.

Неофицијално се најавува и дека  во јули ќе дојде и специјалниот германски пратеник Јоханес Хајндл.

Посетите на европските и американските претставници се координирани, како што рече и самиот Хајндл, а некакви резулати се очекуваат до крајот на јули.