НСДП: Преговорите да се организираат на јавна сцена, во Собранието или во МРТ

0
972

Актуелниот формат на преговорите помеѓу четирите политички партии после цела година се покажа дека не доведе до разрешница на политичката криза, реагира НСДП и бара дијалогот на продолжи на јавна сцена.

„ За македонската јавност да може реално да ги увиди и согледа ставовите на политичките партии во преговорите, НСДП смета дека по едногодишните неуспешни преговори зад затворени врати, созреани се условите за продолжувањето на дијалогот на отворена, јавна сцена. Колку и да се има разбирање за потребата од тајни преговори, бидејќи станува збор и за отворање на прашање од суптилна природа, кои допираат до меѓуетничките односи и криминалната сфера, по истекот на една година сметаме дека своите политички одлуки и ставови учесниците во преговорите треба да ги изложат јавно, на отворена маса. Нема подобар судија од македонската јавност, за тоа кој ги брани националните и државни, а кои партиските и лични интереси. Продолжувањето на дијалогот на јавна сцена може да се организира или во Собранието на РМ или во студио на јавниот радиодифузен сервис-МРТВ“, се вели во соопштението од НСДП.

Повеќе од сигурно, стои подолу во текстот, е дека сите учесници во преговорите не се подеднакво одговорни за агонијата во која се наоѓа државата.

„Македонија е доведена во апсурдна ситуација, наместо најодговорните политички партии да понудат најбрзи и најпогодни решенија за излез од кризата, со тајните преговори практично ја внесуваат земјава во уште потешка криза. Затоа сметаме, дека отворањето на преговарачкиот процес кон јавноста, ќе доведе до зајакнување на чувството на одговорност на учесниците и брзо решение за излез од ситуацијата“, порачува НСДП.