НСДП: Иванов од „англиска кралица“ стана „дворски шут“ кој во одбрана на криминална политичка елита е подготвен да ја стави на коцка стабилноста и иднината на државата

0
985

„По осум години поминати во претседателската резиденција на Водно, Ѓорге Иванов само уште еднаш потврди дека од „англиска кралица“ станал „дворски шут“, кој во одбрана на една криминална политичка елита е подготвен да ја стави на коцка стабилноста и иднината на државата.

Со неговото однесување кон определувањето на мандаторот за состав на нова Влада, тој покажа дека неговото запаѓање во вулгарен политички волунтаризам не се должи на било какво промислување на нормите од уставниот поредок, за тоа како тој треба да се однесува, туку напротив, на тоа како да го продолжи политичкиот живот на режимот и да ги спаси од затвор, докажаните криминалци.

По скандалозната аболиција Иванов уште еднаш потврди дека не може да биде дел од решението на политичката криза, затоа што тој со секој свој настап се потврдува како дел од проблемот. Вчера тој влезе во отворена војна не само со САД и ЕУ, туку и со здравиот разум.

Ѓорге Иванов и должи на македонската јавноста да објасни што е тоа што го држи толку покорен на злосторничкото здружение на Никола Груевски, дали станува збро за уцена или подмирување на некаков „долг“? Можеби одговорот лежи и во прислушуваните разговори со кои располага СЈО, па би било добро специјалните обвинители да истражат дали оваа „политичка љубов“ е втемелена и во некоја криминална спрега, за јавност непозната, помеѓу Претседателот на државата и потесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Иванов е срам за целата нација, не само што се деградира како личност, како универзитетски професор, и тоа на правен факултет, туку за прв пат во историјата на Македонија стана претседател кој во јавноста стана предмет на исмејување.

Со неговото досегашно однесување како Претседател даде доволен број на аргументи јавноста да се посомнева во неговите способности за рационално расудување и донесување на важни одлуки. Имајќи го во предвид фактот дека Собранието не е целосно конституирано за отворање на постапка за импичмент, НСДП смета дека најдобро би било Уставниот суд веднаш да поведе постапка за утврдување на тоа дали Ѓорге Иванов има способност да ја врши функцијата Претседател во согласнот со Уставот“, соопштуваат од НСДП.