НСДП: ВМРО-ДПМНЕ не е политичка партија, туку злосторничко здружение, судот да и забрани учество на наредните парламентарни, локални и претседателски избори

0
870

„По објавувањето на прислушуваните разговори и првите истражни дејства преземени од страна на Специјалното јавно обвинителство(СЈО) станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ не е политичка партија, туку злосторничко здружение.

Дополнително, станува јасно и дека Никола Груевски уште пред последниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, минатата година, знаел дека ќе има колективна одговорност на раководството на партијата и целата партија како правно лице. Неслучајно целото поранешно раководство беше избрано повторно во новото раководство, односно прибегна кон политичките функции на партијата како форма на заштита од правното санкционирање на кривичните дела кои ги направиле во текот на владеењето.

После ова НСДП очекува СЈО да покрене истрага против ВМРО-ДПМНЕ како правно лице и да побара од Судот да обезбеди заштитна мерка – забрана за учество на наредните парламентарни, локални и претседателски избори, со единствена цел да се спречи повторно спроведување на изборен криминал.

Не случајно Никола Груевски бара брзи избори по секоја цена, свесен дека единствено со фалсификат и украдени избори може да се спаси од кривична одговорност. Вистината и правадата се основни вредности на секое слободно и демократско општество и во никој случај не смеат да бидат поништени со „вољата на народот на избори“, како што постојано повторува Груевски. Вистината и правдата не смеат да бидат поразени со гласачки ливчиња, па и нека се на најчесен начин уфрлени во гласачките кутии. На избори се добива политичка власт, а не судска.

Доколку не се создадат услови за правно попречување на ваквите намери на Груевски, а имајќи ги во предвид покренатите истраги од СЈО против раководството на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија може да се доведе во ситуација ВМРО-ДПМНЕ да ги добие следните парламентарни избори, но на начин како што ги добиваше и претходните, а членовите на идната Влада по извесно време од изборите да одат на издржување затворска казна

НСДП бара, наместо да се бара измени по скратена постапка во законот за кривична постапка, по скратена постапка да се пристапи кон измени на Кривичниот законик и попречувањето на правдата, како што бара СЈО, да биде казниво дело. На тој начин сметаме дека ќе се создадат формално-правни предуслови за одговорност и правно санкционирање на поведението на Советот на јавни обвинители, односно одбивањето да не ги предаде на СЈО случаите „Маѓар Телеком“ и „Верушевски“, соопштуваат од НСДП.