НОВ СКАНДАЛ ја тресе експозитурта на „Сваровски“ во скопска единица: Делегирана судијка од Неготино ќе одлучува за притворите на СЈО

0
1480

Претседателот на скопскиот кривичен суд Владимир Панчевски повторно направил нов распоред, овој пат „зајакнувајќи“ го одделот за организиран криминал и корупција, со две млади судијки, кои треба во истрага да одлучуваат за притворите и другите мерки за обезбедување во предметите што ги иницира Специјалното јавно обвинителство, а менувајќи двајца досегашни судии, дознава Сведок од извори блиски на претседтелот на судот.

Скандалот е во тоа што Панчевски, за судијки на претходна постапка во организиран криминал ги ставил Александра Поп Стефанија, судијка од Неготино, делегирана да суди прекршоци во Скопје и Елена Илиевска Јосифовиќ, со вкупен стаж од 5 години како судија, вклучувајќи ги тука и породилните отсуства.

За првата судијка, Поп Стефанија, која беше судија во Основниот суд во Неготино, Судскиот совет донесе одлука за нејзино делегирање во Скопје, во одделот за прекршочи, да суди предмети на местото на судиите кои беа уапсени во акцијата „Јустиција“. Веднаш по делегирањето, судијката замина на породилно отсуство, а во Неготино судела прекршоци и дел од кривично, па нејзиното поставување во одделот за организиран криминал е со голем знак прашалник што се однесува на искуството и работата на ваква материја.

Дополнително, прашање е дали Панчевски може делегираната судијка која требаше да суди прекршоци (на сајтот се уште пишува дека суди прекршоци) да ја става на друг оддел и на материја за која не била избрана или делегирана. Претходно, според „тефтерчето“ на Сведок, Поп Стефанија работела кај еден од мобилните оператори во земјава.

Втората судијка која исто така доаѓа во овој оддел е 35 годишната Елена Илиевска Јосифовиќ, избрана во 2011 година за судија и која исто така во меѓувреме користела породилно отсуство, па нема ниту 5 години судиско искуство, што за вака сериозна област, несомнено е потребно судиско теоретско и практично знаење.

За нејзиното префрлање од кривично на претходна постапка во организиран криминал велат дека заслуга има нејзиниот сопруг (кој може да се види на настани застанат зад лидерот на ВМРО ДПМНЕ) и неговиот брат кој е вработен во моќна спортско-медицинска фирма блиска до фамилијата.

Јосифовиќ го судеше вториот пат предметот со поткупот за докторот Дејан Ставриќ, синдикалниот лидер на докторите.

За смените во кривичниот суд и зошто има нов распоред и смени на судиите во скопска единица не испративме прашања, бидејќи минатата недела Судот оцени дека не треба да ни одговори на нашите прашања за амнестијата бидејќи во прашањата имало содржани и констатации.

Претходно Сведок објави дека судиите кои добиле налог да ги минираат постапките на СЈО, добиле ветување дека ќе бидат унапредени во позиции во Апелациониот суд, во Републичкото обвинителство и на местото претседтел на суд.