НИКОЈ НЕ СМЕЕ ВЕЌЕ ДА ТЕПА НОВИНАРИ: МВР, ЗНМ и ОБСЕ промовираа Прирачник за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик

0
1254

Денешната презентација на “Прирачникот за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик“ како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите е уште еден наш заеднички придонес во насока на драстично и квалитетно унапредување на состојбите во делот на непречено и безбедно извршување на новинарската професија. Тоа е кредибилен показател на решеноста да опстоиме во намерите за севкупно подигање на стандардите во функционирањето на медиумскиот сегмент и јас ве уверувам дека и во иднина константно ќе соработуваме со новинарите и новинарските здруженија во овој правец, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање на денешната промоција на “Прирачникот за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик“ во Скопје на која присуствуваа и Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која и претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани.

-Една од примарните задачи и должности на институциите на системот, на извршната власт, односно на оние кои што добиле мандат да владеат, е постојано да работат на креирање квалитетен амбиент за остварување на сите услови важни за функционирањето на медиумите, да комуницираат и соработуваат со “седмата сила“. Интересот, односно бенефитот е заеднички и повеќезначен: како за медиумите, новинарите и за институциите, така и за јавноста, за граѓаните. За министерството за внатрешни работи, за мене како негов раководител, претходно нотираното е неспорен императив. Следствено на тоа, ние сме и тоа како упатени едни на други, обврзани континуирано да градиме соработка, релации и комуникација која што колку што ќе продуцира квалитетно, прецизно презентирање, односно гласност во нашето институционално функционирање, во уште поголема мера ќе овозможи сигурни, непречени услови за вршење на самата новинарска професија. Без закани, без насилства, без какви било пречки што би биле проблем за кој и да е медиум или новинар- рече Спасовски.

Министерот Спасовски ги потенцира евидентните активности и исчекори што МВР во изминативе година дена ги направи во поглед на унапредување на соработката со медиумите и нивните здруженија. Но и во поглед на поголемиот степен на ефикасна заштита на новинарите и другите медиумски работници, за што пак најилустративно говори фактот дека сите предмети, односно пријави за физички напади врз новинари од јуни 2017 година наваму се расчистени од страна на МВР.

Изработката на “Прирачникот за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик“е дел од активностите што од почетокот на 2018 година заеднички ги започнаа и ги водат Здружението на новинарите, Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје поради честите напади на кои во минатото беа изложени новинарите, фоторепортерите и медиумските работници при извршување на своите професионални задачи. Овој прирачник има цел да послужи во идентификување на ризиците и за избегнување на нападите врз новинарите, особено при известување од настани со висок ризик. Понатаму, Прирачникот служи да ги појасни процедурите и законските надлежности на Министерството за внатрешни работи, но и на Јавното обвинителство сè со цел да се обезбеди поголема заштита на новинарите.

На изработката на овој прирачник претходеа шест работилници на тема Безбедноста на новинарите при известување од настани со висок ризик, слободата на изразувањето и подобрување на комуникацијата на новинарите и полицијата. Работилниците, кои се реализираа во текот на 2018 година во повеќе градови низ државата, беа организирани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје во соработка со ЗНМ и МВР. На нив учествуваа новинари, фоторепортери, како и припадници од МВР, а се споделија искуствата и

се лоцираа точките каде што е потребно унапредување на соработката.

Овие активности се надоврзуваат на меморандумот за соработка потпишан помеѓу ЗНМ и МВР од 29 декември 2017 година.