Николов: Мнозинството на Груевски се исплаши од јавната расправа за буџетот и ја одложи

0
864

M_Nikolov-304x540

Прес конференција на Марјанчо Николов, пратеник и претседател на Комисија за финансирање и буџет на СДСМ:

Би сакал во име на пратеничката група на Социјадемократскиот Сојуз на Република Македонија и коалициските партнери да го изразам незадоволството и протестот од денешната постапка на ВМРО-ДПМНЕ којашто ја направија на Комисијата за финансирање и буџет, симнувајќи ја подолу точката од дневен ред којашто се однесуваше на Законот за буџетите поднесен од опозицијата.

Со ваквата постапка цениме дека изразуваат непочитување кон пратениците од опозицијата, непочитување кон поканетите претставници на невладините организации и здруженија на граѓани и изразуваат длабока неподготвеност и непочитување да ги слушнат аргументите зошто законското решение е предложено. Цениме дека оваа постапка е направна само да се избегне можноста, јавноста во што поголем број да слушне кои се аргументите зошто опозицијата ги предложи измените и дополнувањата на Законот за буџетите, во делот којшто се однесува на транспарентноста на трошењето на парите на граѓаните.

Јас се надевам дека ова нема да се повтори, дека колегите од ВМРО-ДПМНЕ нема да ја злоупотребуваат позицијата што ја имаат како мнозинство и да ги симнуваат точките од дневен ред или да ги одложуваат точките од дневен ред предложени од опозицијата. Тоа не води во насока на квалитетна дебата и на развивање на парламентраната демократија во Република Македонија. Аргументите, фактите, целите зошто се поднесени овие законски решенија, и покрај обидот на колегите на ВМРО-ДПМНЕ да ги одложат, јавноста ќе ги дознае и ќе може да цени кој за што се залага и зошто бараме да се знае каде и како се трошат парите на граѓаните на Република Македонија.

Oдговори на новинарски прашања

Медиуми: Што ќе превзема понатаму опозицијата…?

Николов: Доколку продолжи, во координација со координаторот и пратеничката група дополнително ќе утврдиме како ќе постапиме, доколку се повторат овие постапки во иднина.

Медиуми: За оваа точка кога ќе се разговара, денес или утре ќе закажете?

Николов: За оваа точка ќе ве информираме после паузата во 15:00 часот кога ќе продолжи рaсправата.

Медиуми: Кои се главните измени…?

Николов: Во измените на Законот за буџетите, главните измени се однесуваат на поднесување месечни извештаи од сите министерства, агенции и фондови на Република Македонија за тоа каде се потрошени пари на граѓаните. Заедно со извештаите за потрошените пари, бараме во исто време да се достави и список на сите правни и физички лица на кои им се извршени исплати. Исто така со Законот бараме во месечни извештаи да се објавуваат и доспеаните, а неисплатени обврски на институциите и на Владата, министертсвата, институциите и фондовите. Исто така бараме да се поднесуваат и редовни квартални извештаи до Собранието на Република Македонија за извршувањето на буџетите на Република Македонија. Ова е со цел, само да се знае транспарентно и јавно како оваа власт ги троши нашите пари и парите на граѓаните на Република Македонија. Впрочем сведоци сте, дека излезе Извештај на Меѓународната организација за буџетска транспарентност, кадешто Македонија во поглед на транспарентноста на Буџетот е на ниво на земји како што е Зимбабве, а пред нас се сите земји од регионот и земји како Авганистан, Конго и Руанда. Тоа за нас е неприфатливо.