Не сте вие наши колеги, вие сте џган

0
1235

Долго се расправаме за губењето на сите образовни критериуми на УКИМ. Долго се спориме за „нормалноста“ на вредносното упропастување на студентите со партиската корупција кон нив и нивните амбиции и животи на УКИМ. Долго се бориме за нов закон за високо образование кој ќе не нормализира. Долго се спориме за улогата на Ректоратот како прв меѓу еднаквите на УКИМ во одбрана на автономијата и вредностите на образованието. И тоа оди така со контраверзи и фрустрации во атмосфера на „паднат универзитет“ пред режимот на диктатурата.

Но ова што се случи со изборите за студентски парламент е пресечна точка на загледаност во вредносната дупка, пропаѓање на целиот систем. Ова што го видовме е дека мал дел од студентите засилени со регионални насилници на една партија (како и да се наречат тие индивидуи) растураа непостоечки, и најгрди и најнерегуларни „избори“ и тоа го нарекоа „победа на демократијата“. Од такви персони можете се да очекувате – се што ќе им се нареди! Тоа е уништен млад човечки матерјал урнат во невратот на партиското УМС или ДПМНЕ лудило.

Во таа дупка сериозно го влечат сиот универзитет.

Тој партиски инфективен гној, тие исцедоци на бесчестието и студентскиот срам – сега ќе очекува „легитимно“ да ги претставува студентите по наставничките совети на факултетите и во сенатот на Универзитетот на УКИМ?!

Не колеги (како што некои од УКИМ се „загрижија“), не се криви гласачките кутии и не е потребно нивно пломбирање за да се избегнат вакви изборни измами и насилство. Тоа бесчестие има АДРЕСА, како што има адреса која треба нив да ги прозве и од нив да се дистанцира, а тоа е УКИМ! Не е возможно да се каже пилатовски: дека ние немаме ништо со студентските организации, кои се невладини организации и по закон не можеме да се мешаме во нивните процедури…. Во моментот кога сиот нивен срам, насилство, узурпација и нечесност ги носат на куп и ги истоваруваат во нашите универзитетски и факултетски институции со намера „да ги претставуваат студентите“ во одлучувањето?! Тоа не влече сите нас во колапсот кој нивната партиска нечесност и узурпација го прави и секако не им е гајле за тоа.

Но нас и на сите останати студенти на УКИМ, а нив ги има во огромно предоминирачко мнозинство – не интересира и тоа не интересира крајно егзистенцијално, етички и правно.

УКИМ мора да се дистанцира и изрази „жалење“ за вака водените избори на студентите. УКИМ мора да ја осуди, аполутно и без резерви непропорционалната интервенција и вмешување со насилство на единиците на МВР во одбрана на партиските узурпатори и квазистуденти. УКИМ мора да апелира СПУКМ да собере сила и одржи нови избори со минимум легитимитет и со масовно учество на студентите на есен, а до тогаш да ја замрзне секоја парципација на овие узурпатори и нивните „претставници“ во телата на Универзитетот и факултетите. Сето тоа може согласно истиве сегашни закони да се изведе. Нема правна пречка за тоа бидејќи во спротивно се легализира насилството и бесправноста, узурпацијата и сите заедно вредности за правда, критичко научно мислење и образовни регули кои ние ги предаваме и до кои се обидуваме да се држиме. Сегашното раководство на УКИМ ќе оди со големо петно ако овој процес на бесчестие и насилство кон студентите ПАК ГО ОДМОЛЧИ. УКИМ ќе му остави на новото раководство исто така големо темно петно во иднина ако овие узурпатори ги озваничи и легализира во идните органи на УКИМ.

Ако тоа се случи во некои мрачно сценарио на хипокризија и страв од власта на одење – ништо друго не преостанува туку масовен студентски протест, со кој и почна сево ова што денес го викаме промена и враќање на демократијата – и студентско директно превземање на своите институции.

Љубомир Д. Фрчкоски

Извор : Либертас