Ненад Јовановиќ: За фетишот на пристојноста, или зошто Груевски ќе биде прегазен во четворката

0
1659

Кавадарци е цвет на работ од Скопје. Оваа цинично-груевистичка оргија мора да заврши тука, во четвртата изборна единица. Четвртата изборна единица мора да ја заврши војната. Четвртата изборна единица мора да ја отповика смртта на болниот: сврти се кон иднинатаЗграби го животот!

Нема оваа разулавена земја ни Хитлер ни Томас Ман – нашата мера и димензија, и во добро и во лошо е, некако, провинцијална и второлигашка; оттука  ни нашите злосторници ни нашите генијалци не ја поседуваат онаа – светла и мрачна – монументалност како што ги отсликуваше  оние протагонисти од Светската историја и креатори на духот на времето. Па, сепак, една работа со овие двајца луѓе – кои се, не е претерано да се каже, втемелување на врв и дно на „германската цивилизација“ на двеаесетиот век – овие денови напросто ме опседнува.

Томас Ман, тој супериорен стилиста со раскошен германски јазик, во своите публицистички текстови од триесетите и четириесетите години уредно и јасно, забеганиот германски Фирер го нарекуваше разбојник, бараба, пропалица и низа од слични милозвучни епитети; за тоа што, пак, предлагал дека со Хитлер и неговата банда треба да се случи, подобро и’ да не ви зборувам. Имено, кога некои „финопристојни“ душички му замерувале на вокабуларот, наводно, нели, за неговиот недостен речник карактеристичен за неговиот „олимписки“ дух, Томас Ман одговарал дека на такви човечките бараби не може да им се зборува поинаку, ниту друг јазик може да разберат, ниту, практично, достојни се за друг јазик.

Поводот за моето повикување на Томас Ман е скорешното џелатење и силење кое го манифестираше на митингот нашиот Боксер, нели, моблизирајќи ја својата хорда од џуџиња, свестувајќи ги колку силно ќе му дише во вратот на Заев, ширејќи притоа огромна агресија во јавниот простор, својствен за неговиот досаден и напорен карактер, нечувствителен и комплетно несвесен за сите оние малцински и конкретни луѓе кои живеат во и под Македонија. Несвесен за сета внатрешност, несвесен за сета провинција која жабурка изминативе години надвор од централизираното Скопје, еден Тотем преполн со пари, ресурси, нечувствителен према останатото жителство и граѓанство.

Цела „четврта единица“, цела провинција, изминатава декада живее во депонија. Јас живеам во депонија. Ама бидејќи знам дека живеам во депонија и многу добро ги познавам кантите со ѓубре, затоа што сум присилен да живеам во човечка и политичка пустош создадена од дивјаците на власт. Злосторството на „македонскиот центар“ создаде двојно политичко злосторство во провинцијата. Нема враќање назад: цепењето на ткивото е неповратно, раната е неизлечива. Изминатава декада Скопје стоеше над Кавадарци и целата провинција како што Кафкиниот селски лекар стоеше над момчето на чие бедро цвета ружичасто отворена рана, како коп на рудник, низ кои виреат дрски црви, гојазни од крвта на болниот. Стои Скопје над провинцијата, и’ во себе си мисли: кутро момче, за тебе лек нема. Ја пронајдов твојата голема рана; од таквиот цвет на својот грб ќе пропаднеш.

Кавадарци имено е цвет на работ од Скопје. Оваа цинично груевистичка оргија мора да заврши тука, во четвртата изборна единица. Четвртата изборна единица мора да ја заврши војната. Четвртата изборна единица мора да ја отповика смртта на болниот: сврти се кон иднинатаЗграби го животот!

Груевистичкиот неолиберален систем имено е социјален дарвинизам што во основа е – фашизам. Од идејата дека животот е такмичење произлегува дека победникот зема се’. Од тоа, повторно, произлегува дека провинцијата/внатрешноста е губитник – губитникот не зема ништо освен она што добитникот му дава. Што значи дека провинцијата, односно губитникот е вишок. Оттаму доаѓа потреба вишокот да се исчисти. Тоа понекогаш се нарекува кратење на трошоци, понекогаш отпуштање на работна сила, а понекогаш етничко чистење. Нивната груевистичка неолиберална идеологија е продолжување на фашизмот со други сретства. Фашизмот е нивното природно опкружување. Во одржување на фашизмот нивни партнери беа граѓаните кои тие ги опљачкаа, посебно тука мислам на провинцијата, – затоа во некоја рамка груевизмот е совршено злосторство. Џелатот од жртвата добило полномоштво, што значи имаше за тоа, како се вели, полн демократски капацитет за егзекуција. Масата аплаудираше додека груевизмот сечеше туѓи глави.

Сакам да кажам, груевизмот е последно транзициско воено злосторство. Што во друго светло значи: цела деценија тука владее „еопха од насилие“. А во такво опкружување не може да значи ништо друго освен тоа или сте џелат или сте жртва. Некогаш симболичка, некогаш „физичка“. Нема тука неутралност, затоа што нема околу што да се биде неутрален. Тие кои плански, системски, или можеби од лудост, или од глупост, сеедно – ги разорија и уништија нашите животи и се’ она што со нас има врска, сега театрално и патетично не’ навредуваат во името на демократијата и толеранцијата, а од нив самите корне нетолеранција.

На крајот на краиштата, докажано е дека вистината има терапевстко дејство, баш како и немоќната жртвена пцовкаTомас Ман тоа го знаеше, и затоа му ја фрли во лицето на својот народ, па сега – кој ќе разбере, ќе сфати. Оние другите ионака избраа да бидат „од онаа страна на доброто и злото“, тамо каде всушност нема ништо освен ладната пустина на смртта. Ох, да, и по некој „трезвен и објективен татко што се курдисал да ја проучува нашата реалност“ и кој ќе ни објаснува дека не се бараби и убијци (то ест стручњаци за симболичко или, пак, сосема непосредно „грабежно уморство“, како би рекол Крлежа), туку Уважени Граѓани низ нашите Глуви Провинции, угледни господа на кои не смее ниту на сенката да им се застане, а камо ли да се фатат за опаш, па нека слободно  квичат! Не само што ќе квичат, туку ќе бараат уште, не затоа што „четворката“ тоа го бара, туку ако има правда на светот – четворката треба да влезе во историјата. А бидејќи правда на светот нема, да се надеваме дека Божествениот хир ова четиво сепак ќе го направи вистинито. И Четворката ќе го прегази Груевски.

Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист