Најчевска за Каракамишева: Не смее да се дозволи очигледно глупи луѓе да бидат професори

0
4846

Професорката Мирјана Најчевска и објасни на професорката по уставно право, Тања Каракамишева, што е двотретинско мнозинство откако Каракамишева преку своите профили на социјалните мрежи го оспоруваше гласањето во петокот за отворање на Уставот. Според Каракамишева за гласањето да биде важечко потребни се 81 глас. Најчевска на тоа вели дека не секој треба да биде професор.

„Мислам дека е редно за одредени професии да се прави тест на елементарна интелигенција.

Навистина не знам како одредени луѓе завршуваат факултет и магистрираат и докторираат. Тоа е посебна тема.

Меѓутоа не смее да се дозволи очигледно глупи луѓе да бидат професори.

Значи има неколку вида мнозинство со кое се донесува одредена одлука.

Еве, апсолутно мнозинство од 120 е 61 (кога вкупниот број е 120). Ако е 60 не е мнозинство нели туку е еднакво или пата -пата. За да стане мнозинство треба на едната страна да има барем еден човек повеќе, а на другата барем еден помалку од 60 како бројка на еднаквост.

Просто мнозинство е мнозинство од присутните. На седница биле присутни 90 и мнозинство би било 46.

Двотретинско мнозинство секогаш се пресметува од вкупниот број. Значи не две третини од присутните туку од сите 120 пратеници. Двотретинско мнозинство од 120 е кога две третини од тие 120 или 80 души се на една страна а 40 на друга. Нели 80 е повеќе од 40 и заради тоа е мнозинство, а во исто време 80 претставува две третини од 120 и затоа е двотретинско.

И јас навистина мислам дека мојот универзитет треба да размисли за воведување на тестови за интелигенција“-пишува Најчевска.

Според Каракамишева, пак, 2/3 мнозинство секогаш било и ќе биде 81 пратеник.

„Уставот не вели две третини од пратениците, туку 2/3 мнозинство од вкупниот број на пратеници. Како што апсолутното мнозинство значи 60+1=61 така и 2/3 или квалификувано мнозинство значи 80+1=81 пратеник“,пишува Каракамишева.