Народен гнев

0
1185

1.

Секој кој ќе посака да каже или напише нешто за актуелниве настани во државава мора претходно или да помине час-два на протестите во Скопје, или барем да погледне повеќе видео снимки од истите. Иако, се согласувам, тоа никако не е исто. Ама за стравотиите на нештата не можеме секогаш да цениме според личните искуства, зашто тоа често е и физички невозможно. Токму затоа современата технологија е оној непристрасен посредник, објективен сведок (и) на злосторствата од најлош вид. Да ги немаше оние снимки од концлогорите во Втората светска војна можеби многумина дури и ќе поверуваа во малоумните (и се уште актуелни, барем кај нас) провокации за измислениот холокауст. Ама кога ќе ги видите снимките …

Затоа велам дека и нашиве репортерски видео белешки – а за кои што треба особено да им бидеме благодарни на снимателите и новинарите – сосема пластично и веродостојно ни го покажуваат сиот гнев на народот апропо скандалозните помилувања на криминалната банда. А таков гнев, таков бес, такво јавно (и насилно) несогласување со една „политичка“ одлука оваа земја не видела во нејзината современа историја. И тоа треба да се запамети!

Без оглед што некои малоумни новопечени а недопечени „историчари“ сметаат дека македонската историја започнува во 1991 година, ние кои подолго и подобро паметиме можеме да направиме разлика. И тоа денес ни е особено неопходно! Јасно и гласно да се каже дека вакво нешто оваа земја не доживеала во последните сто години!!! Ваков масовен народен гнев – спонтан, искрен и неконтролибилен – излеан на улиците на Скопје, современата историја не забележала. Затоа, впрочем, дури и бандитите не се осмелуваат (повторно, како лани) да спинуваат за опозициски местенки, за поттикнати „од комуњарите“ протести и слични идиотлуци!

2.

И тие точно ги знаат причините за тој масовен гнев, за тие фуриозни и често насилни (за сега само кон материјалните нешта) искази на несогласување со ваквото криминално водење на државата, со лагите и манипулациите, со нечесното и антидржавно однесување и, во крајна линија, со директното потценување на интелигенцијата на граѓаните. И мислам дека последново е особено изразено во овие протести кои доаѓаат како одговор на перфидните и скандалозно срамните „помилувања“ од страна на една минорна човечка фигура фатена во канџите на мафијашката политика. Која пак упорно глуми некаква институција на која што и’ веруваат 65 проценти од граѓаните! Е па тие му ја покажаа довербата низ улиците на Скопје, и врз неговата „народна канцеларија“!!!

Ваквиот изразен гнев на граѓаните на Скопје е резултат токму на одбивањето да бидат третирани како соучесници во криминалните дејанија на власта, некој да ги гледа само како потенцијални гласачи чиј глас утре може да го фалсификува, да ги понижува со објасненија дека тие дури и не се свесни колку им е убаво во државава. Во нивна режија, се разбира.

Вчерашните пак „објаснувања“ на онаа жална фигура – инаку веќе бележена како најцрната дамка во нашата понова политичка историја – за (повторно) некакви странски служби, за негова чест и морал, за неговите напори за стабилизација на кризата … само дополнително ги разгневуваат граѓаните. Веќе никој не е спремен да слуша такви закоравени во минатото блебетања, такви ксенофобични и сељачки флоскули за некаква „нивна Македонија“ која ја виделе само во нивните мокри соништа, за нивните крстоносни походи против сиот цивилизиран свет. Сето тоа е навреда за современиот македонски граѓанин и тоа се гледа на улиците на Скопје!

3.

И најдобар одговор на „професорот“-претседател дојде токму од студентите, преку пораката по мандатот да не се враќа на Правниот факултет. Зашто после се за него таму нема место. Па има ли поголемо понижување од тоа, има ли појасен одговор за неговите постапки изминативе денови? Зарем тој, и тие, уште мислат дека можат туку така незказнето да лажат и мамат, да манипулираат и мантраат за некаква демократија, право, чест …? Некогашната студентска ’68 во бившата Југославија е детска играчка споредена со овој студентски бунт против малоумни политичари и професори идиоти. Овие млади луѓе – а тие се најбројни на секојдневните демонстрации – ко со скалпел прецизно ги сецираат постапките на узурпаториве и нивните слуги и им лепат соодветни етикети: фашист, антидомократ, автократ, бандит … вратете ни ја државата … итн! И им ги закачуваат на вратите на нивните кабинети и по ходниците на факултетите. Просто да ве изеде срам, ни криви ни должни, кога гледате на што, и на кои, спадна оваа држава!

Затоа, сето ова е израз е на потиснувани со години незадоволства, немирење со состојбите, одбивање да се прифати помилување на криминалот и, конечно, некој континуирано да ве третира како глупак. Одбивање понатаму да се повладува и повинува на неспособни и некапацитетни луѓе, полуписмени понављачи и неспособни поединци со кражби добрани до власт, за да вршат нови кражби. И сите навреди за нив се малку, зашто нивните навреди кон нас беа (и се’ уште се) огромни и континуирани. А тоа не се заборава.

Златко Теодосиевски, историчар на уметност и кустос

(преземено од Теодосиевски уметност)