Музичката легенда Џорџ Мајкл почина на 54 годишна возраст

0
1457

Славниот англиски пејач и поп-икона на дваесеттиот век, Џорџ Мајкл, почина во својот дом на 54-годишна возраст од „мирна смрт“, соопшти неговиот публицист.

Причината за смртта на една од најголемите музички ѕвезди во последните децении на минатиот век не е соопштена, а британската полиција потврди дека таа настанала под сомнителни околности.

„Со длабоко жалење соопштуваме дека нашиот сакан син, брат и пријател Џорџ почина од мирна смрт во својот дом за време на божиќните празници. Семејството моли да се почитува неговата приватност во овие тешки мигови. Во овој момент нема да има соопштение по овој повод“, наведува агентот на Мајкл.

Џорџ Мајкл е роден како Георгиос Кирјакос Панајоту во Лондон 1963 година, а кариерата ја започнал на 18 години во дуото Wham! со Ендрју Риџли.

Три години по дебито, бендот го издаде својот втор албум Make it Big кој забележа шесткратен платинест тираж во САД и кој го лансираше дуото во врвот на поп-музиката.

Иако уште тогаш стана препознатлив како соло ѕвезда, стана една од најголемите икони на осумдесеттите кога го издаде својот дебитантски соло албум Faith (1987).

Во наредната деценија издаде уште четири албуми, но само два со целосно оригинален материјал – славниот Listen Without Prejudice Vol 1. (1990) и Older (1996), за да порача во 21 век со албумот Patience (2004) дека тоа му е последно студиско дело.

Две години пред смртта го објави албумот Symphonica на кој главно има снимки од настапите во живо од неговата голема истоимена турнеја.

Џорџ Мајкл не го одбележа крајот на минатиот век само со својата музика, фантастичниот глас и провокативните спотови со најпознатите манекенки, туку и со контроверзното однесување во времињата кои беа многу поконзервативни од денешното.

Иако со години се шпекулираше за неговата сексуалност, тој не сакаше да им дозволи на медиумите да чепкаат во неговата приватност. Сепак, јавноста дефинитивно дозна дека Џорџ Мајкл е геј во 1998 кога беше уапсен поради недолично однесување во јавен тоалет во парк на Беверли Хилс.

По средбата со полицаецот на тајна задача и непријатното апсење, Мајкл јавно обзнани дека е хомосексуалец. И покрај тоа што подоцна зборуваше на темата многу отворено, рече дека тоа не му годело многу.

„Поради некоја причина, мојот геј живот потоа не беше полесен, туку обратно“, рече Мајкл за Би-Би-Си.

Познато е дека беше во долгогодишна врска со Кени Гос, но се разделија во 2009 година, по речиси 25 години заеднички живот. Мајкл призна дека во текот на врската практикувал „анонимен секс“ со тотални странци, поради што имал проблеми со Гос, но и со полицијата.

Сексот не е единствената причина поради која Мајкл завршуваше со лисици на рацете – во 2006 и 2008 беше апсен поради поседување наркотици, а потоа соопшти дека сака да се повлече од јавноста и „да живее мирен живот“.

Смртта на Џорџ Мајкл е уште една во низата заминувања на културните икони на вората половина на минатиот век, а веста за неговата смрт е објавена во периодот кој со децении го одбележуваше и неговата песна Last Christmas.