МОСТ: Нефункционалниот систем е причината за недовербата во избирачкиот список

0
1003

„Согласно последната измена на Изборниот законик, Државната изборна комисија го објави Избирачкиот список на својата веб-страница со податоци за името, презимето и адресата на избирачите. Ја поздравуваме одлуката на ДИК на граѓаните да им овозможи да ги проверуваат своите податоци и податоците на своите сограѓани преку веб-страницата на ДИК. Воедно, апелираме до граѓаните да ги пријават сите сомнителни случаи и истите ДИК да ги провери на терен.

По објавувањето на Избирачкиот список на интернет со новата можност за пребарување и пријавување, граѓаните забележаа повеќе видови на недоследности во податоците коишто тој ги содржи. Дел од овие недоследности се резултат на долгогодишни системски проблеми, како и на начинот на водење на базите на податоци за граѓаните кои првенствено произлегуваат од МВР. Од тие причини, при проверката на податоците во Избирачкиот список, на граѓаните им препорачуваме да го проверуваат и старото и новото име на улицата, како и да ги проверат сите опции од куќниот број и броевите на влезовите и становите, односно броевите со и без нули пред нив (на пр. 1, 01, 001, 0001).

Доколку граѓаните сакаат да ги исправат забележаните недоследности во Избирачкиот список, на располагање им се неколку опции:

Ако нивната улица има ново име, а нивната адреса во Избирачкиот список го содржи старото име на улицата, или ако името на улицата е непроменето, но има промена во куќниот број, потребно е да извадат нова лична карта за да им се промени името на улицата или куќниот број. Увидовме дека дел од проблемите во Избирачкиот список произлегуваат и од чудната потреба за честа промена на имињата на улиците од страна на општините, што во некои случаи повлекува и промена на куќните броеви, при што нема воспоставен меѓуинституционален механизам на ажурирање на адресите на граѓаните. Поради тоа, апелираме оваа процедура да не биде на финансиски товар на граѓаните и тие да бидат поштедени од процедурата на вадење потврда од локалната самоуправа за променетото име на улицата.

Доколку податоците во личната карта не се идентични со податоците во Избирачкиот список, потребно е граѓаните да проверат како овие податоци се запишани во личната карта:

–     Ако податоците во личната карта се погрешно запишани, граѓаните треба да се обратат до МВР за да им се издаде нова лична карта со точни податоци, при што за ова МВР не би требало да наплаќа такса, имајќи предвид дека пропустот е направен од нивна страна.

–     Доколку пак, податоците во личната карта се точни, граѓаните треба да се обратат во подрачната канцеларија на ДИК и да побараат промена на истите во Избирачкиот список.

Што се однесува до сомневањата дали одредени граѓани живеат на одредена адреса, тие случаи може да се пријават во подрачните канцеларии или преку веб-страницата на ДИК. Сепак, треба да се има предвид дека оваа процедура не е целосно и јасно уредена со Изборниот законик, поточно не е прецизирано дали може да се бара бришење на лице кое не е дел од потесното семејство. Ваквата недореченост е уште една причина за ДИК да се издигне над партиските интереси и да изврши теренска проверка на сите пријавени случаи од страна на граѓаните!

Што се однесува пак до оние граѓани кои го промениле живеалиштето на територијата на РМ, но не ја пријавиле таа промена согласно закон, потребно ќе биде тие да го сторат тоа. Коректно би било овие граѓани да не бидат казнувани затоа што не го пријавиле своето живеалиште на време, со цел да не бидат обесхрабрени да го направат тоа во овој период.

Откако ДИК ќе ги заврши административната и теренската проверка и ќе ја констатира фактичката состојба, надлежните институции ќе треба да најдат соодветен начин како да ги избришат од Избирачкиот список оние лица за кои ќе се утврди дека незаконски пријавиле живеалиште и се стекнале со лична карта.

Исто така, неопходно ќе биде да се одлучи и како ќе се третираат оние случаи во кои има нереално голем број на граѓани на иста адреса, кои се стекнале со живеалиште и лична карта во согласност со законот и подзаконските процедури. За ваквите случаи, ДИК не смее да се ограничи само на административните документи, туку мора да изврши целосна теренска проверка на сите сомнителни случаи и да ја констатира фактичката состојба.

Со цел решавање на овие проблеми, потребно ќе биде да се донесат измени на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето, Законот за личната карта и, евентуално, Законот за општата управна постапка. Со овие измени би се допрецизирале условите за стекнување на живеалиште и, следствено на тоа, добивање на лична карта, а на МВР би му се овозможила и правна основа да ги поништува решенијата за доделување на живеалиште и издавање на лична карта доколку се утврдат прекршувања на овие постапки.

Измените на овие закони не треба да се носат избрзано, туку мора да се засноваат на сеопфатна анализа која ќе ги земе предвид резултатите како од административната, така и од теренската проверка, со цел да се изнајдат одржливи решенија кои ќе ги опфатат сите можни случаи.

Во однос на процедурата за водење и ажурирање на Избирачкиот список, иако тој е во надлежност на ДИК, сепак неговата точност зависи од податоците кои ги доставуваат надлежните институции, а во прв ред тоа е МВР. Оттаму, што и да направи ДИК во овој период, сепак нема да може да го прочисти списокот без соработка со другите надлежни институции за доставување на податоци за Избирачкиот список. Со други зборови, тоа што мораме да го констатираме е дека моменталната состојба е последица од немањето на функционален систем со прецизни процедури и алоцирани одговорности, што остава можност за злоупотреби. За да добиеме кредибилен избирачки список, сите институции инволвирани во процесот на неговото ажурирање мора да ги поддржат напорите на ДИК и заедно со оваа институција тимски да дизајнираат функционален, одржлив и ефикасен систем за ажурирање на Избирачкиот список. Со тоа, ќе може прецизно да се утврдат и одговорностите за евентуалните неточности во него. Во овој процес мора да се вклучат и граѓаните, бидејќи на крајот на денот најважна е довербата на граѓаните во Избирачкиот список и изборниот процес.

Долгорочно, потребно ќе биде да се утврди единствена и јасна процедура за тоа како институциите ги водат своите бази на податоци од кои потоа се генерира Избирачкиот список, со цел да се овозможи нивна систематичност и унифицираност. Друга алтернатива е МВР да го проверува живеалиштето во сите случаи кога граѓаните добиваат нова лична карта или патна исправа, односно и во случаите кога се работи само за замена на личниот документ, а нема промена во податоците за адресата.

На крај, МОСТ упатува апел до граѓаните да пријават било какви неправилности во Избирачкиот список, било какви притисоци и било каков поткуп на гласачи на бесплатната телефонска линија 080 080 080 и со тоа да бидат активни учесници во подобрувањето на изборниот процес. Само преку заеднички напор на институциите и граѓаните може да добиеме Избирачки список и изборен процес во кои сите ќе имаат доверба“, соопштуваат од МОСТ.