Можно ли е да ја засакаш работата што ја мразиш?

0
984

По 35 години искуство како брачен советник, д-р Ендрју Кристенсен доаѓа до истиот заклучок, што баба ти ти го кажала низ кукање за 60-годишниот брак – колку и да сакаме, не можеме да го натераме партнерот да се промени. Времето лечи сé, ама не менува карактери. Тоа важи ем за бракот (од повеќе сведоштва), ем за кариерата.

Па ако е тоа навистина така, тогаш зошто работодавците трошат стотици милиони во обид да ги сменат работниците, преку разни програми за ангажман?

Поконкретно, денес компаниите се расфрлаат со 700 милиони долари годишно, за зголемување на ангажираноста на персоналот. Резултатот? Посветеноста нема мрднато ниту чекор од последното истражување на Gallup во 2000 година. 68.5% од работната сила во САД нема интерес за работата и ниту една програма за човекови ресурси или стимуланси не се покажаа успешни да го намалат овој процент. А работата може да биде исплатлива за многу луѓе…

Од почетокот на истражувањата во 2000 година, Gallup се обидува да го наметне фокусот на дискусијата на оваа тема и го насочува кон тоа дека задоволството од работата не зависи само од платата. Пристапот е различен, ама резултатот од истражувањата останува ист.

Сепак, во пристапот на Gallup има еден фундаментален недостаток: идејата дека ставот на персоналот кон работата може да биде променет. Илузијата е дека тоа е нешто што може да се контролира, со помош на некаква магична комбинација од бенефиции, лидерски тактики, ефикасна комуникација и други алатки во организацијата. По повеќе од 15 години залудни обиди, печени сме за нова стратегија.

Како да се изгради компанија со среќни, ангажирани вработени? По повеќегодишна борба со ова прашање и изучување на илјадници професионалци во десетици фирми, Imperative го предлага следното решение – помалку разговори за ангажман и повеќе внимание на чувството за цел.

Според истражувањето на Workforce Purpose Index за 2015-та, 28% од работната сила смета дека главната цел на нивната работа е да им служат на другите и да се надоградуваат себеси. Овие вработени, кои се ориентирани кон таквата цел, имаат 64% поголеми шанси да бидат задоволни, отколку своите колеги кои гледаат на работата како на начин за финансиска добивка или социјален статус; имаат и 50% поголема склоност да градат трајни службени односи; 54% поголема веројатност да се изјаснат дека работата им влијае позитивно; и пред сè – имаат поголема шанса да ги задржат своите работни места, да се искачат до лидерските позиции и да ја промовираат компанијата како добро место за работа. Тие се и, следствено, понаклонети да се чувствуваат вклучени, а и поангажирани.

Како што д-р Кристенсен и баба ти можеа да предвидат, малкумина го менуваат односот кон работата во текот на годините. Ако човек не гледа на својата како на нешто со кое им помага на другите луѓе и се саморазвива, тешко дека некогаш ќе се чувствува задоволен.

Спротивно на тоа, пристапот на Gallup тргнува од претпоставката дека посветеноста зависи од работната средина и надворешните стимуланси. Реалноста вели дека покачувањата на платата и масите за тенис имаат многу помала улога во ставот на луѓето кон работата, отколку нивното внатрешно чувство кон истата.

Според Арон Херст, извршен директор на Imperative, клучот за работодавачите е да вработуваат од оние 28 проценти работна сила, која веќе го поседува тоа чувство за цел, а потоа да продолжат со градење на корпоративна култура и стратегии за развој на талентот на овие исклучителни вработени.

Инспиративните говорници, пак, ќе заклучат дека суштински во животот е да се посветите на она што го сакате, што и да е тоа, за да не завршите како оние 68.5 проценти што не си ја сакаат работата. Филозофите, пак, ќе потсетат дека 68 проценти од човештвото е голема бројка, и дека нивното незадоволство е индикатор за некаков фундаментален проблем во човековото живеење. Премногу работни часови? Премногу банални професии? Премалку суштина? Вие одберете кој е во право.