Фабриката за печурки во близина на Свети Николе, што уште лани ја вети премиерот Никола Груевски и за која свечено сечеше лента и фрлаше лопати за камен-темелник, се уште никаде ја нема!
Само еден ден по официјално распишување на претседателските избори и се поизвесните предвремени парламентарни избори, лани на 2 февруари, премиерот Груевски постави камен темелник на фабрика за печурки во близна на Свети Николе, среде Овче Поле.
Како што беше тогаш најавено, стануваше збор за холандска инвестиција на „ИД Балкан“ вредна 25 милиони евра, која требаше да отвори 450 работни места во неколку фази. Првата фаза на производство беше најавено дека ќе почне во септември 2014 година, а целосно инвестицијата да биде комплетирана за 4 до 5 години.
Ветувањата дека инвестицијата не е наменета само за медиумска екплоатација, беа поткрепени и со тврдењето дека во тој момент неколку работници веќе се испратени на обуки во Холандија.
Според највеното, светиниколско го очекуваше вистинска економска преродба и сериозен бран нови вработувања. Во тоа беше уверен и градоначалникот на Свети Николе Зоран Тасев.
– Оваа инвестиција според големината и бројот на вработувања се најде во нашата програма и комплетно ја ослободивме од комунални давачки. Со ова сакаме да испратиме силен сигнал дека зоната во Овче Поле е подготвена за привлекување странски инвеститори, изјави на поставувањето на камен темелникот градоначалникот Тасев.
Премиерот Никола Груевски тогаш овој чин го претстави како почеток на економскиот бум во светиниколскиот крај.
– За дваесетина дена почнуваме со изградба на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип. Изградбата ќе биде од големо значење за бизнисот, за домашните и странските инвеститори, при носењето на одлуките за инвестирање. Овој автопат на Свети Николе ќе му овозможи поврзаност со Скопје и аеродромот Александар Велики и одлична позиционираност да биде домаќин на други странски компании – изјави тогаш Груевски.
Од редакцијата на „Кирилица“ , неодамна ја посетивме локацијата на фабриката, но затекнавме само метална конструкција оградена со ограда, затворена со катанец, многу далеку од било какво производство или вработувања. Ветувањата на премиерот како да ги однел овчеполскиот ветер.
Од „Кирилциа“ во два наврати по електронски пати, и еднаш телефонски, побаравме информација од Агенцијата за странски инвестиции зошто има застој во реализацијата на оваа инвестиција, до каде е со обуката на работниците во Холандија и за колкав број работници станува збор. И покрај ветувањето, неколу недели не добивме никаков одговор.
Од општина Свети Николе потврдија дека има застој во реализацијата на инвестицијата, но не ги знаеја причините. Без да навлегуваат во детали, од општината само информираа дека инвеститорот докупил земјиште.
Извор : Кирилица