Мијалков е недопирлив за аеродромското обезбедување

0
1042

Додека сите се занимаваат со прашањето дали Мијалков го изнел пиштолот по грешка или не, останува отворено клучното прашање на кое треба да се бараат одговорите: зошто граничната полиција и аеродромското обезбедување на Аеродромот Петровец не постапиле професионално и во случајот со поранешниот функционер?

FROSINA-655x641

Незрелото образложение дека станува збор за „грешка“ не може и не смее да биде третирано исклучиво како индивидуален чин во кој ќе се цени сериозноста на недозволеното пренесување на оружјето, туку како одговорност за непрофесионализмот на службите задолжени за проверки и спроведување на безбедносните мерки на аеродромите.

Додека МВР побрза да се оправда дека тоа не било пропуст на полицијата на аеродромот, туку дека аеродромското обезбедување било задолжено за проверката на багажот, останува отворена дилемата: дали ова е изолиран (!?) пропуст или пак непостапување во континуитет?

Јас ја немам дилемата дека станува збор за непостапување во континуитет кога е во прашање ова лице, затоа што постојат мал милион сведочења на службени лица кои укажувале на недозволиви пропусти при аеродромските проверки кога станува збор за лицето и луѓето во негова придружба.

Во еден разговор со службени лица вработени во аеродромските служби во врска со ова, добивам уверувања дека, никој од службените лица (полицајците) и лицата од ТАВ обезбедувањето, немале храброст да постапат професионално во спроведување на мерките за контрола и безбедносна проверка кога е во прашање Мијалков, иако тоа имаат обврска да го прават. Секое негово влегување на аеродром било проследено со кренати рампи и негово движење без задршка од било која служба која треба да му укаже на одредена процедура за контрола и проверка.

Да не заборавиме дека безбедноснките проверки и контроли не се прашање на волја или дискреционо право од страна на надлежните служби на аеродромите низ светот, туку меѓународно-правно уредена обврска, во која се почитуваат строго утврдени препораки заради заштита и безбедност на авионскиот сообраќај и безбедноста на патниците од секаков вид загрозувања за време на летот. Дури и одредените ВИП пристапи за влез во авион не ги ослободуваат од обврска задолжените за проверки да го прегледат багажот на ВИП лицето или пак да го ослободат од обврската да помине преку системот за детекција на метал. Безбедноста на авиосообраќајот и безбедноста на патниците во авионот е повисока и поголема цел и обврска, отколку статусот на патникот.

Овие обврски го апсолвираат прашањето дали ВИП излезот го ослободува лицето и службите од/за безбедносна проверка – значи мора да има безбедносна проверка. Друго е прашањето што поранешниот функционер од мај 2015 година нема статус на функционер или ВИП лице. Меѓутоа, укажувањата на лицата дека тој и покрај се, сеуште е третиран како функционер и ВИП лице, укажува на отсуство на било каква задолжителна проверка и претходно, но и сега.

Една од службеничките во обезбедувањето на ТАВ ја прашав зошто тие како служба не му укажале за неговата обврска да помине преку редовните безбедносни проверки, како и секое друго лице кое се упатува за влез во авион. Кратко ми одговори: „Што ви е на вас? Зарем мислите дека некој има храброст да побара од Мијалков да почитува процедура? Па полицајците немаат храброст за тоа, а не некој службеник од обезбедување што ќе лета од работа за еден саат, ако побара проверка за дотичниот.“

Ова кажува се, но ова и не треба да биде оправдување за непочитување на сите препораки и правила кога е во прашање граничната контрола, безбедносните проверки според меѓународни стандарди, независно за кого станува збор.

Непостапувањето на аеродромското обезбедување (обезбедување на ТАВ), не смее и не може да остане несанкционирано и незабележано. Исто како што не смее да остане несанкционирано постапувањето на МВР кога надвор од сите законски пропишани критериуми од МНР побара да му биде издаден дипломатски пасош на сега веќе екс функционерот осомничен за незаконско следење на комуникациите на повеќе од 26.000 граѓани.

Ако пиштолот во торба бил „грешка“ на Мијалков, грешката со непостапувањето на обезбедувањето на ТАВ е незамислива, затоа што од овие „грешки“ во иднина зависи и третманот на македонските државјани по светските гранични премини и аеродроми. Ако обезбедувањето на еден меѓународен аеродром прави вакви пропусти и при тоа не е санкционирано за тоа, безбедноста на авиосообраќајот за летовите од Македонија кон други дестинации ќе биде ставен под прашалник.

Освен тоа, несфатлива е леснотијата со која оваа наводна индивидуална „грешка“ на Мијалков сакаат да ја претстават како нормална работа, или пак „доблест“ да се признае грешка. Ако станува збор за индивидуално сфаќање на ненормалното како нормално, тогаш таа ненормалност не треба да стане прифатена нормалност од страна на службите кои не се таму да гледаат низ прсти, туку да спроведуваат меѓународни процедури за безбедност во авиосообраќајот. Тоа е обврска, а не волја.

И повторно ќе го реафирмирам приоритетот во овој случај: кога некој нормален во МВР или во ЈО ќе го стави на дневен ред упатеното барање (се надевам со образложение) од МВР до МНР за издавање на дипломатски пасош за истото лице кое и тогаш „покажа доблест“ и не го подигна веќе изготвениот дипломатски пасош? На новинарско прашање, Митко Чавков потврди, но не образложи дека „МВР поднесе барање …, па што?“.

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР под итно треба да постапи по службена должност за оваа несериозност и злоупотреба на МВР во приватни цели.

И на крајот, пак сум во недоумица како би постапило аеродромското обезбедување ако дозволеше „грешка“ на друго лице, или па како белградската полиција наместо пиштол откриеше друга забранета материја.

ФБ статус од зидот на проф. Фросина Ременски потпретседател на СДСМ